Home Живот Проговори сопругата на прерано заминатиот актер Бранко Ѓорчев

Проговори сопругата на прерано заминатиот актер Бранко Ѓорчев

Познатата ТВ-презентерка Гордана Ѓорчева  ја отвори душата и искрено проговори за најтешките моменти. За она што досега молчеше, конечно собра сили да го сподели со јавноста.

Знаете, сфатив дека болката е само моја и никој тука не може да ми помогне, освен самата јас. На моите 19 години го изгубив мојот татко во сообраќајна несреќа и некако се навикнав да се борам низ животот. Ова беше мојот втор огромен шок кој многу, многу тешко го поднесувам.

Да, буквално ме скрши неговото заминување и мислам дека дури сега после 5 години полека почнувам да си доаѓам на себе. Поминав и сè уште поминувам низ многу тежок период, и емотивно и благодарејќи на балканскиот менталитет и среброљубието на неговите најблиски.

Но, не сакам да се навраќам на тоа ни во мислите. Постојано се молам, Господ да ни даде само здравје и на мене и на моето дете. Се борев како лавица за животот на Бранко.

Направив сè што беше во моја моќ. Две години буквално спиев во болници и овде и во странство и мојата совест е комплетно чиста. А, најважно од сè е човек мирно да спие.

Во најтешкото бев сосема сама. Зарем мислите дека постои пријателство? Бранко беше исклучително благороден човек кој им помагаше на сите. Но, кога дојде време него да му се помогне, сите буквално се разбегаа, како да беше заразна неговата болест.

Неговите и мои најдобри другари Дејан Пројковски и неговата сопруга Билјана Драгичевиќ Пројковска се единствените личности кои беа со нас во најтешките мигови. Тие се единствените кои ги доживувам како брат и сестра, на кои можам да им заѕвонам среде ноќ, да долетаат без да прашаат што треба.

Многу е неблагодарно и тажно кога ќе сретнам негови некогаш блиски пријатели кои ја вртат главата настрана кога ќе ме пресретнат. Но, навистина многу работи повеќе не ме допираат. Си велам, тие сме што сме. Ова е Македонија, полна е со злоба, за жал.

Бранко беше мојата сродна душа. Тој беше човекот што го сакав повеќе од себе. Бранко беше човекот кој ме чуваше како капка на неговата дланка, човекот кој секој слободен миг сакаше да го помине во заеднички прошетки, заеднички викенди, заедничко кафе кое задолжително го пиевме на улица Македонија, човекот кој не знаеше да се налути за ништо, човек со огромно срце.

Толку беше голема неговата грижа за мене што и во неговите последни мигови не мислеше на себе. Само ми рече: Не смеев ова да ти го направам. Гордана само продолжи да се смееш, и биди среќна. Затоа што ја имаш најубавата насмевка на светот. Таква најмногу те сакам, среќна и насмеана!

– После сè што ми се случи, дефинитивно знам што сакам и што не сакам. Сакам да бидам опкружена со позитивни личности. Бегам од луѓе коишто знам дека не се искрени и не ми мислат добро. А, имам силна интуиција.

Во овој период ми се случуваат позитивни промени во животот. Мојата најпрекрасна ќерка Луција се осамостојува, почнува нов живот со прекрасно воспитано момче и, најискрено, сум фокусирана на нејзината среќа. И секако би сакала да си го прошират семејството, а тоа ќе ме направи најсреќната личност. Затоа што среќата на нашите деца е и наша среќа.

Женски Магазин