Home Вести Дијаспора И овде во Шведска ми се тупоса мајка и на жена ми

И овде во Шведска ми се тупоса мајка и на жена ми

Потекнувам од работничко семејство. Двајцата мои родители се стечајци. Мајка ми од поранешната фабрика “Црвена Sвезда”, татко ми од МЗТ. Дури работеше авто пазар, татко ми се снаоѓаше, продаваше сокчиња и носеше некој динар дома. Мајка ми работи посојано во приватни конфекции за многу мала надница.Што да ви кажам, сиромаштија.

Завршив средно АСУЦ, постојано без пари, некогаш сум немал и доручек да си купам на школо, сенвичи од дома носев. Се срамев поради мојата состојба, со едни патики по две три години, една јакна, ама тоа е. Во наше време па и не се гледаше до толку на гардероба како сега. Важна беше дружбата.Е ама затоа, секогаш им бев привлечен на девојките, како некоја магија да имаше во мене. Многу млад, на 22 години одлучив да се женам.

Жена ми неќеше да чуе да дојде да живее во нашата мизерна куќа во Кисела Вода, а и реално немаше услови. Нејзините живееја во Бутел, имаа пристојна куќа на два спрата и ми предложи да живееме таму. Прифатив, немав друг избор.Ќе погодите,

Весна беше бремена, затоа се одлучивме за брак толку млади. Се породи, добивме прекрасна ќеркичка. Но тогаш започнаа и маките мои. Мајка и на жена ми заборави на пријателки, пријатели, роднини, се опсесира со мојата ќерка, дури на детето му се претставуваше како да му е мајка, а не баба. Постојано беше горе кај нас.

На сопругата тоа и одговараше. Јас немав никаква приватност и тоа многу ми пречеше.Да не зборувам за постојаните перфидни префрлања и дофрлања дека јас сум тука домазет и морам да ќутам. Арно ама, ми се насмевна среќата. Еден школски другар кој работеше во Шведска беше дојден летно време на одмор и ми раскажа дека многу добро му одела работата во нашата струка.

Бевме лимари, заварувачи и тоа одлични. На пракса во школо јас и Дејан бевме најдобри. Со оглед на тоа што имал приватен сервис, ме покани да одам и да работам за него.Долго време ми требаше да ја убедам сопругата, бидејки нејзе овде и беше фино, си беше дома со мама и тато, ќеркичката, па и мене ме имаше. Ама некако успеав да ја наговорам дека тоа ќе биде одлично за иднината на нашите деца. Реакцијата кај неа дома од мајка и и татко и беше страшна.

Се бунеа, не дозволуваа. Како тоа нивната ќерка единица да си оди. Ама падна одлука и отидовме.Јас бев пресреќен бидејќи конечно се почувствував како маж, домаќин, глава на семејството. Со сопругата уште повеќе се зближивме. На работа беше супер, Дејан одлично ме плаќаше. Живеевме под кирија.

Во договор со сопругата, направивме уште едно дете. Ни се роди машко дете, кое автоматски бидејќи е родено во Шведска би требало да добие државјанство.Но тука започнува мојот нов кошмар. Само што се роди Давид, мајка и на жена ми веднаш долета од Скопје. Како едвај да чекаше, требала да помага сега. Ни се тупоса тука и еве веќе три месеци си седи и нема абер да си оди. Ништо не ја интересира.

Жена ми е пресреќна што е мајка и тука, јас сум нервозен и почнаа повторно кавги со сопругата. Баба ми и ја полни главата. Незнам што да правам, како да и објаснам на таа жена дека ние сме сега семејство и треба да не остави на мира. Ќе оставам уште малку време, сепак, трпелив сум јас од дете.

Ова нека биде еден апел до родителите, било од која страна, да не се мешаат во животот на децата. Оставете ги децата да се задомат, да си бидат семејство, со вашите совети правите само раздор, кавги и расправии. Многу бракови се растурени поради сплетките на родителите на сопружниците.

Фото: Илустрација  Обработи Стефан П.

Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.