Home Вести Изгласана автономија на Македонците во Албанија

Изгласана автономија на Македонците во Албанија

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 64. Конгрес што се одржува во словачкиот главен град Братислава, едногласно усвои Резолуција со која се бара културна и образовна автономија за македонското малцинство во Албанија, предложена од македонското друштво „Илинден“од Тирана.

Според Никола Ѓурѓај, претседателот на друштвото, за Резолуцијата гласале сите 150 делегати, претставници на 103 организации од 35 земји во Европа.

„Ова за нас е голема победа затоа што со Резолуцијата, која ФУЕН ќе ја достави до албанските власти се бара културна и образовна автономија за жителите на регионите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора со цел да се зачува македонската култура во овие региони населени со македонско население“, изјави претседателот на МД „Илинден“, Никола Ѓурѓај кој учествува на Конгресот.

Од име на друштвото и припадниците на македонското малцинство, ФУЕН апелира до Владата во Тирана да отвори катедри за македонски јазик на државниот универзитет во Тирана и на државниот универзитет „Фан Ноли“ во Корча.

Исто така ја повикува Владата да обезбеди пропорционална застапеност на Македонците во државните институции, органите на локалната самоуправа и локалната администрација каде што живее значителен број Македонци, како и претставик на македонското национално малцинство во Управниот одбор на албанската државна радиотелевизија.

Целата сторија проследете ја на Нова ТВ