Home Вести Свет Турците се радуваат – Борис Џонсон е правнук на поранешен Турски министер

Турците се радуваат – Борис Џонсон е правнук на поранешен Турски министер

Поранешниот градоначалник на Лондон е правнук на Али Кемал, последниот министер за внатрешни работи на Отоманското царство, па многу Турци се гордеат на неговото потекло.

Џонсон во неколку наврати давал коментари ненаклонети на Турција. Поранешниот градоначалник на Лондон, во два мандата, пред да стане министер за надворешни работи, победи на натпревар на британскиот медиум Спектатор, кого некогаш и го уредувал, за „најнавредлива песна“ за турскиот претседател Таип Ердоган.

Натпреварот е започнат откако турскиот лидер повика на казнување на германски комичар кој го исмејувал. Џонсон освои награда од 1000 фунти за песна во која сугерира дека Ердоган сексуално општел со коза.

Новиот британски премиер во 2016 година, исто така, побарал Велика Британија да стави вето на кандидатурата на Турција за членство во Европската унија. И покрај тоа, турските медиуми Џонсон често го нарекуваат „Борис Турчинот“, а самиот Ердоган во вторникот му честиташе на новата функција и истакна дека односите меѓу двете земји сега ќе се поправат.

„Отоманскиот правнук стана премиер“, стои на насловната страница на опозицискиот весник Созцу.

„Премиер со потекло од Чанкири“, пишува весникот, осврнувајќи се на провинцијата во централна Турција од која потекнува неговиот прадедо Кемал.

Како и неговиот турски предок, и Џонсон бил новинар кој влегол во политика. За Кемал, ова се покажало како фатално – во последните денови на Отоманското царство, турските националисти го фатиле, мачеле и убиле.

На Џонсон, исто така, му честиташе и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, со видеоснимка во кое турските новинари го испитуваат идниот британски премиер за неговото потекло, за време на посетата на Анкара во 2016 година.

Турската новинска агенција Демирорен ја пренесе изјавата на еден од селаните на селото Калфат во провинцијата Чанкири, кој истакна дека е голема чест дека некој од тоа место станал премиер, додавајќи дека Џонсон својата бушава руса коса ја должи на своите турски предци.