Home Вести Верушевски откри каде завршиле документите за прислушувањето

Верушевски откри каде завршиле документите за прислушувањето

Со доза на резерва за улогата која ја имал за прибирање на т.н. „бомби“, но и со дипломатски речник, екс- директорот на УБК, Зоран Верушевски, денеска сведочеше во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на незаконското прислушување.

Документацијата, како што Верушевски за време на сведочењето ги нарекуваше снимените разговори, уште кон крајот на 2010 до СДСМ пристигнувала по неколку партиски структури.

Тој додаде дека во тој период бил задолжен за безбедносната политика во партијата и ги анализирал сите прибрани информации, но дека крајниот збор за тоа како ќе се употребат податоците, со кои се оспорувал демократскиот капацитет на тогашната власт, го имале лидерите – Бранко Црвенковски и Зоран Заев, кои во секој момент имале увид во материјалите.

Верушевски, на прашањето на обвинителот Артан Ајро, не одговори конкретно дали преку него пристигнувале „бомбите“ во партијата, а подоцна дополни дека Ѓорѓи Лазаревски било едно од лицата кои ги доставувале материјалите, а тоа го правел се’ до 2014-тата.

Верушевски нагласи дека престанал да комуницира со Лазаревски, бидејќи тој претходно во Обвинителството дал невистинити искази за него и неговата сопруга, кои пак беа приведени и осомничени дека сториле тешки кривични дела.

Loading...