Home Вести Илија Ристовски, еден од патниците кај Ласкарци: Сите се возевме со „Дурмо...

Илија Ристовски, еден од патниците кај Ласкарци: Сите се возевме со „Дурмо турс“ затоа што побрзо стигаше од другите

Сè било како и вообичаено во автобусот на „Дурмо турс“ сè до моментот кога од средната преминал на последната сообраќајна лента, без знаци на запирање ги скршил заштитните огради и излетал од автопатот. Вака го опишаа моментот на несреќата повеќето од повредените патници, кои сведочеа на денешното судење за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија 16, а 37 лица беа потешко повредени.

Оштетениот патник Душан Стефановски рече дека на критичниот ден седел во задниот дел од автобусот.

Автобусот беше полн и кондуктерот не дозволи ниту еден патник да стои. Се чувствуваше тресење и звуци кога автобусот возеше побрзо. Се сеќавам дека возеше на средната лента до пред несреќата. Забележав занесување на десно, па на лево и слушнав звуци. Зазедов позиција на фетус и потоа само слушав звуци. Не чув никакви звуци од моторот или кочење, изјави сведокот.

Посочи дека има 12 години искуство во патување со „Дурмо турс“ и смета дека брзината на возење била поголема за условите на патот.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Петтиот повреден патник, што сведочеше на денешното рочиште Илија Ристовски, рече дека на критичниот ден не забележал ништо невообичаено кај возачот и автобусот.

Седнав на петтиот ред зад возачот до прозорецот. Автобусот возеше во средна лента и имав чувство како да сака да претекнува, но тој продолжи. Чув од напред десно женски глас како вика „што е работата мајсторе”, но не чув одговор, изјави сведокот.

Автобусот, според Ристовски, продолжил да се движи без никакво забавување и заштитните огради ги преминал речиси без удар.

„Факт е дека сите се возевме со „Дурмо турс“ затоа што побрзо стигаше од другите, изјави Ристовски.