Home Живот Смеѓа жена што се вика на буквата М ти ставила нешто во...

Смеѓа жена што се вика на буквата М ти ставила нешто во кафето – ми рече гатачката

Повеќе пати сум била по гатачки. Никогаш не ми помогнале нешто посебно, ама ете, секојпат кога имам некоја криза во животот, јас барам помош кај нив. Имам некои проблеми во семејството ко да ми се растура домот, па и се доверив на една блиска пријателка. Таа ми ја спомна гатачкава, да пробам кај неа, на многумина им помогнала па можеби и за мене ќе се најде чарето.

Освен што гатала знаела и совет да даде што да се прави, растурала магии, плус не била скапа, тарифата и било 300 денари. Земала колку да преживее. Ми рече дека немам што да изгубам. И реков да ми закаже најскоро што може.Ми закажа рано некаде препладне.

На работа излажав дека морам на лекар да одам и се упатив кон гатачката. Кога застанав пред портата на трошната куќа, повторно ми заигра нешто во утробата, се врати возбудата од неизвесното. За момент се двоумев дали да влезам или да си се вратам. Поѕвонив а вратата ми ја отвори постара жена во излитени тренерки и подникната седа коса.

Со благ глас ми рече: “Повели синко” и ме воведе во нешто што личеше на претсобје. Мирисите на влага и компирманџа се мешаа и ко да ми се лепеа на кожата. Ми рече да седнам и да ја почекам да сварела кафе.

Се’ во собата беше старинско. Стар мебел, истрошен теписин, деформиран кауч, валкани ѕидови…Кога најпосле се врати носеше филџан кафе кое го стави пред мене. И велам дека не пијам кафе. Ги рашири очите и со вчудоневиден глас ме праша: “Како не пиеш?

Па Горде што ти кажа? Дека гледам на икони и на кафе.” -“Да, ама кафето ми прави проблеми и затоа не го пијам”.И тогаш почна хистерично да ми се извикува, од каде таа сега да знаела, сега требало ради мене да ја менува работата, ме здрви. Си помислив кај дојдов кај се запустев. Ми се издиша долго во лицето па со смирен тон ми рече:

“Ајде сине покажи ми го јазикот!”. Како под хипноза ја послушав и ја отворив устата.

-“Аааа нечини, нечини, не си добра, не си здрава. Нешто те јаде од внатре.” Донесе две икони една помала една поголема, истури некоја течност врз нив, па ја префрлаше од течноста од една кон друга, и најпосле ги положи пред неа, една врз друга.

-“Ееее сине, не си добра. Некоја жена, смеѓа накај црно, на М, ти ставила нешто во кафе или чај и оттогаш ти не си добро.”-“Ама не пијам кафе ви реков. И не сум дојдена за мене туку за семејството.”

-“Ако, ако, ти среди се, па и семејството ќе ти се среди!”Ми рече да ставам темјан под јазик, да ја измијам куќата со вода и сол, да ја испрскам постелата со светена водичка…

Се’ ќе се средело. И оставив пари, се заблагодарив и си заминав така празна во душата. Дали ќе ми помогне ако се’ направам како што ми кажа женава? Малку сум скептик. Ама па што ќе изгубам? Последниот пат кога бев на гатачка си ветив дека тоа ќе ми биде последен пат, па еве ме пак. И пак.

Фото: Илустрација