Home Вести Македонија Жителите на Карбинци утрово на протест: Децата може да паднат, бараме да...

Жителите на Карбинци утрово на протест: Децата може да паднат, бараме да се прекин веднаш

Жителите на село Карбинци утрово излегоа на протест, бараат локалната фирма „Џоле транскоп“ од соседното село Таринци да го стопира црпењето песок од коритото на реката Брегалница. Претседателот на Месната заедница, Марјан Стојанов вели дека со црпењето на песокот им се загрозува нивото на водата во бунарите од кои се снабдуваат со вода за пиење.

Мештаните кои утринава протестираа, сметаат дека и со црпењето на песокот дел од нивите ќе им се спуштат во речното корито.

-Досега компанијата има однесено околу 300 камиони песок. Тоа можеме да ви го докажеме и со слики и доказ имаме со видео, каква е моментално и каква била. Копаат, дупки прават, а имаме деца кои можат да паднат во речното корито, ќе помине и некој на риби ќе се излаже и ќе пропадне во големите дупки. Не се уредува речното корито, изјави Стојанов.

Околу 200 жители од селото Карбинци се потпишани на петицијата со која се бара да се стопира црпењето на песокот и да се одземе дозволата на фирмата што работи на терен. Тие доставиле барање и до Антикорупциската комисија за да утврди дали има судир на интереси, бидејќи дозволата за црпење песок ја има добиено фирма што ја раководи мајка на вработен во АД Водостопанство.

Loading...