Home Вести Македонија Орце од Кочани: Ние им даваме ранци, а директорите им забрануваат на...

Орце од Кочани: Ние им даваме ранци, а директорите им забрануваат на децата да дојдат да си ги земат

До нашата редакција пристигна реакција од Орце Николов од Кочани. Еве за што станува збор.

Green е граѓанското движење кое се бори против загадувањето во Кочани и организира хуманитарни акции за помош на луѓето, вели Николов.

Преку хуманитарната организација HOPE и фондацијата Мајка Тереза, добиле една палета со училишни ранци полни со училишен прибор.

Овие ранци биле наменети за сите деца на кои им се неопходни. Со таа цел ги известиле директорите од неколку основни училишта.

“Телефонски му се обративме на директорот на основното училиште Раде Кратовче, со молба, а по негова сугестија и во писмена форма да бидат известени децата од ранлива категорија да дојдат во просториите на Киното, каде денес, петок започнувајќи од 18 часот, требаше да се одржи едукативна работилница” – велат од Здружението.

“Темата на денешната едукативна работилница беше: Рециклирање и управување со отпадот во секојдневниот живот, а притоа децата требаше да добијат бесплатни ранци со комплетен училишен прибор.

Покрај ранците, децата ќе добиеја и фризби за развивање на физичката активност, како мотивација за поминување на поголемо време и дружење со луѓето, отколку со нивните паметни телефони.

За жал, на наше големо разочарување, директорот на ОУ Раде Кратовче воопшто не ги известил децата, а директорката од ОУ Никола Карев го одби нашето барање од непознати причини.

Дури, ние уште повеќе сме изненадени од нејзината постапка, со која таа им сугерирала на децата и нивните родители, да не се огласат на нашиот повик и да не доаѓаат да си ги земат ранчињата.

Ова ни го кажаа двајца родители на кои децата ова им го раскажале. Тие напротив, дојдоа и си ги зедоа ранците за своите деца, бидејќи навистина на нив им се потребни.

Ние сме изненадени и шокирани од ваквата постапка на директорите, имајќи ја предвид нашата крајна цел, да им се помогне на децата од ранливата категорија”- известуваат тие.