Home Живот Аргирета Атева: Примерот со МАрија покажува дека можеме да се спасиме дури...

Аргирета Атева: Примерот со МАрија покажува дека можеме да се спасиме дури и без посета на храмот

Аргирета Атева: ,,Не можел (Зосим) да разбере кого сретнал – човек или ангел. Како таа жена, без молитви во храмот, без примање на светите Христови Тајни, без помош од духовниците, без помош од браќата и сестрите по дух – како таа успеала во таква потполна изолација да достигне таква светост, од која бил поразен Зосима, гледајќи, како Марија го преминала Јордан по вода?

Примерот на Марија Египетска сведочи дека може да се спасиме дури и без да го посетуваме храмот. На крајот на краиштата, примерот што ви го наведувам не е некој измислен пример, туку е примерот на светителката за која си спомнуваме оваа недела.

Не случајно, споменот на Марија Египетска се совпадна со воведувањето на карантинот поради ширењето на коронавирусот. Ништо кај Бога не се случува случајно.

Педесет и една година проповедам од амвонот, ги повикувам луѓето да доаѓаат во храмовите и да ја превозмогнат тежината на сопствената слаба волја и на надворешните околности. Цел живот го посветив на овој призив. И се надевам дека разбирате колку ми е тешко денес да ви кажам: воздржете се од посета на храмови.

И најверојатно, јас никогаш и не би го кажал ова, ако не беше овој восхитувачки, спасителен пример на света Марија Египетска, која во текот на оваа недела се слави од Црквата како голема подвижничка кој дури и за време на нејзиниот земен живот ја прими ангелската природа. Далеку од манастирите и храмовите, во далечната пустина, во осамување…”

Инаку Марија Египетска била световна жена со лесно поведение, која се насладувала во животот во богатиот и убав град Александрија. Но, кога еднаш сосема случајно се нашла во Светата земја и почуствувала дека Господ не ѝ допушта да влезе под сводот на Храмот на Неговиот Гроб, таа во тој миг одлучила – да го измени својот живот.

Во Ерусалим имало многу светињи, како Гробот Господов и други светињи, имало многу богомудри пастири и архипастири. Но, Марија избира совршено особен пат – се разбира, не сама, туку водена од Промислата Божја.

Таа си заминува од Ерусалим, таа престанува да доаѓа во Храмот на Гробот Господен, таа престанува да се поклонува на сите светињи од градот Ерусалим и поминувајќи го Јордан, оди во страшната пустина, каде не се знае со што ќе може да се прехрани, каде не се знае како ќе може да се спаси од отровните змии и диви ѕверови како што биле лавовите, кои во тоа време живееле на Блискиот исток.

И оваа нежна и световна жена, истоштена од гревот, го преминува Јордан и си заминува од сите, оставајќи ги и храмовите, и манастирите, откажувајќи се дури и од причестувањето. Оди во пустина – ајде само да размислиме – зашто таму никој друг освен Бог веќе не би бил со неа.

Светата преподобна Марија Египетска така го проживеала сиот свој живот, неколку десетици години. И дословно една година пред нејзината смрт, монахот Зосима од манастирот на светиот преподобен Герасим во Јордан, што и ден-денес постои таму, заминал по Божјо вдахновение од Јордан за да ги помине тие денови во пустината (како што постапувале монасите во првата недела од Великиот пост) и ја сретнал таму Марија Египетска, жива и здрава.

Не можел да разбере кого сретнал – човек или ангел. Како таа жена, без молитви во храмот, без примање на светите Христови Тајни, без помош од духовниците, без помош од браќата и сестрите по дух – како таа успеала во таква потполна изолација да достигне таква светост, од која бил поразен Зосима, гледајќи, како Марија го преминала Јордан по вода? Што тоа значи?

Тоа означува дека меѓу нејзината физичка природа и ангелската природа немало повеќе никаква граница, таа, подобна на ангел, ги преодолеала законите на човечката природа. Никаков земен копнеж! А како резултат на што

Молитвата во осамување е искрена молитва. И таа се одвивала не една недела, не еден месец, не два – туку сиот нејзин живот. Имено таа молитва ја преобразила Марија од голема грешничка во голема светителка, која Црквата ја предлага како пример за секоја жена. И не само за жените туку за секого од нас.

Таа е пример за тоа, како од бездната на гревот, со свои сопствени сили, преку подвигот на одделување на себеси од светот, преку подвигот на осамувањето – може да се достигне ангелска височина.