Home Вести Докторка од болницата во Тетово: Се соживуваме со денот и не мачат...

Докторка од болницата во Тетово: Се соживуваме со денот и не мачат истите грижи како и сите други граѓани

Освен јаката арома на средствата за дезинфекција, во болничките простории во последно време се чувствува и стравот, „аромата“ на одговорност која ние како лекари ја чувствуваме за луѓето и нашата околина, вака докторката Резеарта Елези ја опишува атмосферата во тетовската болница, нагласувајќи дека едвај чека да ја остави во минатото оваа ситуација и да го почувствува задоволството од фактот што таа колку толку дала свој придонес во време на кризата, известува „Порталб.мк“.

Елези, докторка од тетовската болница, вели дека во овие мигови маките на обичните граѓани веќе не се разликуваат од тие на лекарите. Во просториите на болниците целосно е променета атмосферата која преовладувала пред пандемијата на корона вирусот, посочува таа.

– И покрај фактот што ние лекарите сме обучени да се соочиме со смртта, поради секојдневната рутина, се соживуваме со денот и не мачат истите грижи како и сите други граѓани.

Но, во последно време на утринските состаноци се слуша за пандемијата, навечер ги слушаме прес-конференциите на министерот за здравство, и во секој момент кога сме заедно разговараме за инциденти и секој доаѓа со своите идеи и теории во врска со тоа што ќе се случи и што не очекува – вели Резеарта.

Меѓутоа, таа ни објасни дека во болницата каде што работи се воспоставил исклучително добар ред, каде што пациентите се делат и ниту еден од нив не останува без да ја добие потребната услуга, и во овие тешки времиња.

– Еден позитивен страничен ефект на пандемијата Covid-19 којшто никој не го очекуваше е дека медицинскиот персонал и лекарите реално спроведуваат квалитетно здравство.

Во контекст на тоа дека луѓето кои се јавуваат по здравствените институции, особено на секундарното и терцијарното ниво, реално имаат тешки здравствени нарушувања од највисок степен. Направено е филтрирање на луѓето коишто се погрешно упатени, или луѓе коишто истата здравствена услуга можат да ја добијат на примарно ниво, па дури и дома – истакна Елези.

Ако пред пандемијата биле претпазливи и одговорни како лекари, Резеарта вели дека сега со појавата на овој вирус станале и 20 пати попретпазливи и поефективни.

Сите членови на здравствениот персонал во болничките простории се крајно по внимателни, сѐ е исчистено до најмала ситница, комуницирањето меѓу себе и со пациентите е скратено и понепосредно, во смисла потреба – услуга, посочува докторката.

Корона вирусот со себе не донела само лоши работи, вели Елези. Многу лекари ја увиделе важноста на белиот мантил дури после појавата на овој вирус. Таа ни рече дека едвај го чека денот кога ќе може да се сврти кон минатото и да го почувствува задоволството на триумфот од борбата против корона вирусот.