Home Вести Македонија Се огласи Жан Митрев: Му се заблагодарувам на Филипче што успеа да...

Се огласи Жан Митрев: Му се заблагодарувам на Филипче што успеа да не сплоти

По вчерашната историска трансплантација, во која учествуваа неколку врвни наши доктори, денес Министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи напиша:

,,Ден полн со емоции за сите. За семејството Диневи кое пред неколку дена ја загуби својата сакана мајка и сопруга, Емилија Динева, за семејството Огненовски чиј татко и сопруг доби втора шанса.

Откако на Емилија Динева и беше дијагностицирана мозочната смрт, нејзините најблиски одлучија да ги донираат нејзиното срце и бубрези. Сега срцето на Емилија Динева чука во градите на Иван Огненовски, а нејзините бубрези спасија живот на двајца пациенти кои со години беа на дијализа.

Ден полн со емоции и за мене како човек, како хирург и на крајот како министер за здравство. Ова е историски ден за сите нас и за нашето здравство.

Благодарение на тројцата врвни каридохирурзи Проф. д-р Сашко Јовев од Државна Кардиохирургија, д-р Жан Митрев од клиниката “Жан Митрев”, Проф. д-р Александар Николиќ од клиниката “Аџибадем Систина” и д-р Маја Мојсова Мијовска од КАРИЛ направена е правата успешна трансплантација на срце во нашата земја.

Бескрајно сум благодарен и горд на моите колеги за нивниот успех, на семејството на Емилија за нивната големина, човечност и хуманост и на семејството Огненовски на довербата кон македонското здравство и нашите лекари!”

Денес се обрати и Академик д-р. Жан Митрев од „Клиника Жан Митрев“. По повод првото трансплантирано срце, тој истакна дека ги имаме сите капацитети и сите можности и упати јавна благодарност до министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче за целокупниот процес и организација.

„Се покажа дека ги имаме сите капацитети и сите можности и морам јавно да се заблагодарам на Министерот Филипче кој не организира, кој не сплоти и колку и да сме различни, сепак на крајот сме исти, имаме една цел, а тоа е да ги лекуваме пациентите.

Без разлика дали сме приватни, државни, ние сме со таа дејност, со таа функција и сето ова е голема и успешна приказна. Му благодарам на Министерот, на целиот тим и на сите, оргомен број луѓе кои земаа учество во сето ова, за да ова биде вака како што е“, потенцираше д-р Митрев.