Home Вести Македонија Генералот Стојанче веќе 3 години е дел од власта, но јавно изјави...

Генералот Стојанче веќе 3 години е дел од власта, но јавно изјави дека немал скоро никакво влијание

Генералот Стојанче Ангелов, лидер на Достоинство, кој веќе три години е дел од владеачката гарнитура, завчера беше гостин на ТВ 24, во дебата со Јанко Бачев.

Ангелов рече дека нашето име не е избришано, нашето име сѐ уште е Македонија, барем именката Македонија сѐ уште постои, со тоа што пред именката имаме географска одредница северна и пред неа имаме република што го означува уставното уредување.

-Нашата држава која формално се нарекува Република Северна Македонија се наоѓа на дел од територијата на Македонија. Сите знаеме дека Македонија е многу поголема од парчето земја на кое денес се наоѓа нашата држава.

-Македонија се наоѓа и во северна Грција, или како што ние си ја викаме нашата Егејска Македонија или Беломорска Македонија, а Грција го нарекува регион Македонија, изјави Стојанче Ангелов.

-Сите знаеме дека Македонија ја има и на исток, тоа е Пиринска Македонија, во која што до ден денес живеат Македонци, така што не гледам дека ќе се случи нешто катаклизмично за нас Македонците и за нашата држава со тоа што е додена придавката северна која што само конкретизира дека се работи за северниот дел на територијата Македонија.

Можеби после неколку години, кога ќе слегнат страстите, токму од овој момент, може да извлечеме некои позитивни конотации бидејќи ако има северна Македонија, треба да има и јужна Македонија, ако има Македонци кои што живеат во северна Македонија има и Македонци кои живеат во јужна Македонија.

Грците иако сакаат да го земат нашиот македонски идентитет никогаш нема да се наречат Македонци, тие секогаш ќе се кажуваат Грци, изјави Ангелов.

Во однос на историјата Ангелов вели дека таа на многу места се преплетува со историјата на Бугарија, но најголем дел од војводите биле од територијата на Македонија, јас не знам војводи, можеби затоа што не сум учел, од источните делови на Бугарија.

-Најголемиот дел на војводите биле од пиринскиот, егејскиот и вардарскиот дел на територијата Македонија. Јас никогаш не сум рекол дека брзопотезно ќе влеземе во ЕУ, тоа можеби ќе трае десетина години, можеби неколку децении, но ако гледаме од историски аспект, за една држава неколку децении не значат ништо.

Сепак се надевам дека во рамка од 10-15 години ќе влеземе во ЕУ бидејќи во 21 век, во 2020 година, некоја држава да ви забранува да се нарекувате така како што се чувствувате е апсурд и мислам дека притисокот кон Бугарија од меѓународната заедница ќе биде голем и дека нема да имаме блокада на нашиот влез во ЕУ.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година Ангелов вели дека прв повикал за амнестија на лицата кои изманипулирани и понесени од атмосферата влегоа во македонското Собрание.

„Во за твор е и началникот на специјалните полициски единици Митко. Јас му бев старешина. Тоа е едно младо и храбро момче кое јуначки се бореше во 2001 година. Јас гарантираам дека Митко не бил свесен што се случува ниту пак земал пари. Има златни деца. Колатералната штета.

Чекам да завршат изборите за да покренам иницијатива за негова амнестија. Кога може ветераните од УЧК да бидат на слобода зошто овие луѓе, дури и да се виновни, да не бидат пуштени?

Неговиот соговорник Јанко Бачев го потсети дека тој е веќе три години дел од власта, па го праша зошто тој досега не го покренал ова прашање и не се заложил за ова што го зборува.

На ова Ангелов одговори дека неговата партија е мала, освоиле малку гласови и се мал коалиционен партнер, така да немаат некое влијание на генералните политики! Тој имал договор со Заев да може да има различни ставови од СДСМ во неговите настапи.

После една ваква изјава, се поставува прашањето зошто е тој дел од владеачката гарнитура, ако нема никакво влијание. Бидејќи, владеачка гарнитура спроведува програма која ја презентирала на избори пред гласачите.

Дали Стојанче Ангелов е дел од власта само за задоволување на некои лични интереси од раководството на партијата, или ова беше само една несреќна изјава?