Home Вести Македонија Доцна синоќа преку писмо се огласи Реисот Сулејман Реџепи

Доцна синоќа преку писмо се огласи Реисот Сулејман Реџепи

Со двотретинско мнозинството на Ријасетот на Исламската Верска Заедница (ИВЗ) во Република Северна Македонија, пред три дена беше разрешен од позицијата прв човек на ИВЗ, досегашниот реисул улема Сулејман Реџепи, изјави муфтијата на Гостивар, Ефенди Шаќир Фетаху, кој истовремено е поставен како вршител на должноста претседател на ИВЗ, до подготвување на новите избори за избор на претседател на ИВЗ.

Оваа одлука стапи во сила истиот ден, односно на неа се потпишани самиот Фетаи, скопскиот муфтија Ќенан Исмаили, тетовскиот муфтиа Ќани Несими, исто така и муфтијата на Куманово, Абедин Имери, тој на Струга, Салим Сулејмани, од скоро сите други муфтии.

Истовремено, на оваа одлука се потпишани и Мустафа Даути, претседател на хуманитарната организација кој функционира во склоп на ИВЗ, „Хилал”, професор Шабан Сулејмани, декан на Факултетот за Исламски Науки, директорот за дијаспората Селвер Џемаили, членот на ријасетот Фадил Рамадани и други.

Доцна синоќа пак, поранешниот претседател на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Република Северна Македонија, Сулејман Реџепи, преку писмено соопштение објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата реис-ул-улема на ИВЗ, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Последниве денови во јавноста се пласираа редица дезинформации и се одвиваше кампања којашто јас ја сметам за нецивилизирана а којашто се однесуваше на мојата личност при што се нанесоа сомнежи на мојата активност и ангажирање на чело на ИВЗ во Република Северна Македонија”, вели Реџепи во соопштението објавена на официјалниот профил на ИВЗ на социјалната мрежа Фејсбук.

„Како верски водач и човек длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања но во ниту еден момент не го оспорив правото на било кој да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека Единствениот и Конечен Судија за делата за секој човек е и ќе биде секогаш единствено семоќниот Алах”, наведува Реџепи во соопштенето.

Меѓу другото, во соопштението, Реџепи пишува дека „работел и творел екслузивно во ИВЗ на РСМ нејзе и го посветил животот и својот анганжман чии траги се видливи и опипливи насекаде.”

„Сето тоа го сметам како траг што ја следеше мојата кариера во ИВЗ на РСМ притоа не негирајќи ја можноста за некоја евентуална грешка што можела да се појави при моето работење а за која барам прошка од Бога и од нашите верници”, нагласува Реџепи и додава:

„Преку ова мое соопштение ја известувам јавноста дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата реисул улема на ИВЗ во РСМ нагласувајќи притоа дека за мојата досегашна работа одговарам пред Бога и спремен сум да одговарам пред Законот.”