Home Вести Македонија Спасов до градоначалникот на Кичево Дехари: Висок гостин ви укажал чест, а...

Спасов до градоначалникот на Кичево Дехари: Висок гостин ви укажал чест, а вие сте подметнале

Поранешниот висок функционер на партијата СДСМ, Ѓорѓи Спасов, е особено активен на социјалните мрежи изминативе денови. Тој најпрво го анализираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, а потоа и посетата на Радмила Шекеринска на Кичево, при што изби скан дал со иконографијата во канцеларијата на градоначалникот Дехари:

Нелегална моќ во рацете на Мицковски. Христијан Мицковски нема изборен легитимитет. Тој не е ниту пратеник во Собранието на Македонија, ниту бил биран од народот на било каква функција.

До сега бил биран само на партиска функција од делегатите на Конгрес на неговата партија. Со инсистирањето да не се свикува Собранието откако е распуштено, и за нов датум за одржување избори да се одлучува со консензус на средба на лидерите на партиите , Мицковски успеа центарот на политичката моќ да го пренесе од институциите во рацете на неколкумина.

Со тој чин парламентарната демократија се заменува со договор меѓу “племенските поглавици”.

Мицковски како еден од “племенските поглавици” ,во таков систем на одлучување, одеднаш се стекнува со апсолутна моќ да условува, да уценува и да го блокира функционирањето на институциите.

Клучната моќ е ставена во рацете на човек кој никогаш не добил легитимитет од граѓаните да одлучува за било што.
И тоа кај нас се нарекува толеранција, обид за политички компромис и демократија!

А јавноста е веќе прилично изморена од молења и тегавења. Таа до сега покажа дека ги цени решителноста и храброста во донесувањето политички одлуки дури и кога ДПМНЕ се заканува со бојкоти и “судски процеси” кога ќе дошле на власт.

А токму храброста и решителноста на сегашната власт во донесувањето политички одлуки се очекува дека ќе бидат наградени на следните избори а не бескрајните отстапки кон Мицковски кој одложувањето на изборите, во услови на распуштено Собрание, си го претвори во изборна кампања
и демонстрирање на својата лична моќ за блокирање на институциите на власта.

Оттука на човекот што нема било каков изборен легитимитет треба да му се стави јасно до знаење дека не може тој да одлучува за избори. Па дури и да бојкотира неговата партија.

За фотографијата на Шеќеринска. И ова е фотографија од посетата на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на касарната во Кичево. Тоа што при посетата на градоначалникот на Кичево од ДУИ Фатмир Бехари не обрнала внимание на иконографијата од неговата канцеларија пред која се фотографила е грешка, но не е и крај на светот.

Градоначалниците од ДУИ се градоначалници на сите граѓани во своите општини и треба во нивните службени простории да бидат застапени државните симболи но и симболи од другите етнички заедници.

Особено кога примаат министри од владата со кои се фотографираат треба да покажат почитување кон државните симболи и да не дозволат еден пријателски гест на министер да го злоупотребат преку една фотографија за можно иритирање на јавноста со прикажување дека во канцеларијата на градоначалникот има место само за симболот на УЧК и за албанското национално знаме.

Со тоа не им расте угледот туку само демонстрираат способност за подметнување и за злупотреба на толеранцијата на гости кои ги посетиле да им укажат чест. Сите други обвинувања кон Шеќеринска од видот за “ново национално предавство” се целосно бесмислени.