Home Живот Од дедо ми наследив големи пари – е тогаш ме разочараа мајка...

Од дедо ми наследив големи пари – е тогаш ме разочараа мајка ми и татко ми

Пораснав со дедо. Јас сум од вториот брак на мајка ми, а од татко ми се развела уште додека сум бил многу мал. Потоа уште двапати се премажуваше и на крај пак се смири со татко ми. Сега се заедно. Не можам ни да си замислам какво детство ќе сум имал ако не беше дедо ми. Тој заедно со баба ми ме пораснаа.

Ама додека баба ми готвеше и месеше везден, јас бев цело време со дедо ми по планините. Ме учеше како да собирам суви гранки за огрев, ме носеше по пештери за да собираме камења, ме учеше на ѕидарство…

Мајка ми ретко ја гледав, а татко ми уште поретко. За мене целиот свет беа тие: баба ми и дедо ми. Понекогаш доаѓаше мајка ми и преспиваше кај нас, а јас бев пресреќен. Таа со внимание ме слушаше како и раскажувам за мајсторлаците што ги правевме со дедо ми.

Во тие периоди кога мајка ми престојуваше кај нас, дедо ми некаде заминуваше и не се среќаваа. По малку ми беше жал зошто и дедо ми не е со нас кога мама ни доаѓа на гости, ама тогаш бев мал за да разберам. Во тој период некако се погодуваше да дојдат и од социјалните служби за да проверат во какви услови живеам.

Потоа пораснав и тргнав во училиште, а мајка ми престана да доаѓа. Некогаш кришум баба ми ме носеше кај неа, но ми велеше да не му кажувам на дедо ми, зошто тој ќе се разболел.

Мајка ми живееше со некој нов чичко во еден голем стан во градот, а јас од страв да не му се случи нешто на дедо ми си молчев и ништо не му кажував.

Кога мајка ми после неколку години се смири со татко ми, веројатно се смири и со дедо ми, зошто повторно почна да доаѓа на гости. Ама мислам дека беше предоцна, зошто на дедо ми почна срцето да му откажува.

И покрај советите на докторката, тој не ги земаше лековите и еден ден го најдов заспан, со модро лице. Се обидував да го разбудам, ама тој не ги отвораше очите.

На мојата тага и немаше крај, не можев да прифатам и не можев да поверувам дека дедо ми повеќе го нема. Имаше голема церемонија за неговото испраќање зошто многу луѓе го сакаа и го почитуваа како чесен човек.

Потоа дознав дека сум наследил од дедо ми 120 000 евра. Не сум уште полнолетен, ама парите стојат во банка и ме чекаат, така ми кажа адвокатот на дедо ми.

Последната година, после првиот удар што го имаше дедо ми, тој зел и распродал некои вредни работи, зошто сакал да ме обезбеди мене. Така му објаснил на адвокатот каде што го заверил својот тестамент.

Од тој момент, некако сите другари ме гледаат како Бог, а тетките и чичковците престанаа да зборуваат со мене. Братучедите почнаа да се врткаат нападно и да ми даваат совети што да сум правел со парите.

Еден подалечен чичко ми предложи да ми продадел стан со парите, а еден сосед се обиде да ми го шитне неговиот автомобил.

Мајка ми и татко ми секој ден доаѓаат кај баба ми, ме молат да се преселам кај нив да живеам, ама јас за кратко ќе бидам полнолетен и не ми требаат. Тие бараат да сум им дал тие да располагале со моите пари, додека да сум “застанал на нозе” и да сум станел полнолетен.

Свесен сум дека сите се грабаат околу моите пари, ама јас одлучив да си останат парите во банка. Дури, и откако ќе станам полнолетен нема да почнам да ги трошам, туку напротив.

Сакам сам да заработувам и кога ќе го завршам факултетот да си отворам своја градежна фирма. Сакам нормален живот како и сите млади, зошто најлесно е да се потрошат парите кој некој друг ги заработил.

Дедо ми ме учеше дека многу луѓе кои преку ноќ се збогатиле, исто така и преку ноќ осиромашиле. Си ги потрошиле парите на луксузни автомобили, на скапа облека, на патувања и други работи. Ама моите пари, мислам на дедо ми парите, нека си седат во банка.

Можеби некогаш ќе ми затребаат, ама се надевам дека нема, и дека и јас на моите наследници ќе имам што да им оставам. И тоа, се надевам дека ќе имам двојно од она што го добив. Ќе се потрудам да не го разочарам дедо ми.

И.П. Фото: Илустрација

Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.