Home Вести Македонија Агатангел ги повика верниците да дојдат во црквите – Филипче му порача...

Агатангел ги повика верниците да дојдат во црквите – Филипче му порача да си го повлече повикот

Денес Повардарската Епархија на МПЦ-ОА ги повика верниците од црквите во велешко, кавадаречко, неготинско и гевгелиско, масовно да ги посетат храмовите за Задушница.

Иако Владата, како превентива од заразата со корона забрани посета на гробиштата во целата земја, а за Скопје, Куманово и Штип одреди целосен полициски час претстојниот продолжен викенд, додека за другите градови делумен, на црквата не и пречеше да ги повика верниците во храмовите.

„Се повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите петок и сабота, во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите , дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели.

Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“, напишаа на соопштението на Повардарска епархија, каде митрополит е владиката Агатангел.

Министерот за здравство Венко Филипче пак, побара епископот Агатангел да го повлече повикот верниците да ги посетуваат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени.

– Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на се што сега правиме да се заштити јавното здравје.

И секако спротивен и на многу уредби коишто владата ги има донесено, а тоа е пред се уредбата за забрана на масовни собири и тоа е нешто кое ако доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни како и јавното здравје – рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан за став во врска со синоќешната акција на пазарниот инспекторат во една скопска кафена во која бил присутен лидер на политичка партија, Филипче потенцираше дека сите треба да бидеме свесни дека сме некому пример и дека од сите нас зависи.

– Во однос на нашето лично однесување, сите ние даваме личен пример. Даваме на децата дома, даваме на сите млади и во општеството.

И ние како политичари, избрани функционери во повеќе фокус-таргет групи, верските лидери со своите повици и однесувања, мора да сме свесни дека од сите нас зависи – изјави Филипче.