Home Вести Македонија (ФОТО) Антонио Милошоски хоспитализиран на Инфективна клиника – последниот тест му бил...

(ФОТО) Антонио Милошоски хоспитализиран на Инфективна клиника – последниот тест му бил негативен

Пред неколку денови, поранешниот пратеник во македонското собрание, министер и висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ, објави дека неговата мајка е позитивна на корона вирус, а бидејќи тој бил во контакт со неа, ќе биде во домашна изолација:

„Драги пријатели, мојата мајка Светлана Милошоска, која 40 години работи како медицинска сестра во болницата во Кичево, попладнево ме извести дека е позитивна на Ковид-19.

Веднаш по известувањето бев исконтактиран од надлежниот епидемиолог од Битола кој според здравствениот протокол ми пропиша мерка самоизолација до 6ти јули, заради кратката средба со мајка ми пред 5 дена во Кичево.

Мерката доследно ќе ја почитувам, како што ги почитував и правилата за носење на маска и честа хигиена во изминативе 4 месеци. До 6ти јули ќе имам две задолжителни тестирања од надлежните медицински лица. Инаку се чувствувам добро и засега немам никакви симптоми.

Она што ние како луѓе треба да го правиме е да ги применуваме заштитните мерки, да бидеме внимателни во однос на пандемијата, и да ги почитуваме советите на лекарите. Останатото е на науката и на Бога.

Ви благодарам за сите добри желби за моите родители и Ви посакувам добро здравје. Ваш, Антонијо Милошоски“.

Пред него, слично известување на социјалните мрежи, даде и неговата мајка:

„Драги пријатели, почитувани колеги, должност ми е да Ве известам, дека како медицинска сестра вработена во болницата во Кичево, и покрај почитувањето на сите мерки на претпазливост пропишани од нашата медицинска установа, за жал завчера ги почувствував првите симптоми на покачена температура и направив тестирање во текот на вчерашниот ден. За жал, денешните резултати покажаа дека сум позитивна на вирусот Ковид19.

На надлежните епидемиолози им ги посочив сите лица со кои сум имала контакт, меѓу кои мојот сопруг, кој треба да се тестира утре и мојот син Антонијо Милошоски, со кого имав краток контакт на 22.јуни во нашиот дом во Кичево.

На сите колеги медицинари и на сите граѓани кои се позитивни на овој вирус им посакувам што поуспешно да се избориме со оваа пандемија, а пред се со почитување на заштитните мерки и навремено тестирање. Со почит, Светлана Милошоска.“

Денес, Антонио Милошоски, објави дека поради покачената температура, е хоспитализиран:

„Почитувани пријатели, денес околу 16ч од домашна изолација бев примен на Инфективната клиника, заради повеќедневна покачена температура.

Други симптоми немам, дишењето е добро, апетитот и расположението исто така.

Вчерашниот тест покажа негативни резултати на Ковид19, но по препорака на специјалист од инфективна клиника, денес направивме уште еден тест, чии резултати се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Ве поздравувам сите, а на моето семејство и на медицинскиот персонал им благодарам за поддршката.

Благодарност до сите вас за поздравите и добрите желби за брзо закрепнување. Се гледаме наскоро, се надевам во добро здравје и со добри вести. Ваш, Антонио Милошоски.“

Интересно е дека само ден претходно, Милошоски беше гостин во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија. Не е познато дали и водителката на популарната емисија е во изолација.