Home Живот Пред 1 месец Несторовиќ рече дека нема да има никаков втор бран...

Пред 1 месец Несторовиќ рече дека нема да има никаков втор бран – денес вели дека сега е моментот да се прележи вирусот, бидејќи е слаб

Бранимир Несторовиќ, пулмолог и член на српскиот Кризен штаб, оцени дека коронавирусот сега е „релативно слаб“, дека е помал процентот на тешки случаи и дека постојат луѓе отпорни на вирусот.

„Ако треба да се разболите, најдобро е сега кога вирусот е релативно слаб. Сега е многу помал процентот на пациенти во тешка состојба. Кога ќе го погледнете ‘Ворлдметерс’, ќе видите дека тешки случаи има само еден отсто. На почетокот беа 81 отсто.

Луѓето беа затворени и тоа беше добро, бидејќи многу помалку се разболуваа. Но, не стекнаа колективен имунитет. И сега е објавено дека, за среќа, не е потребен голем процент за колективен имунитет – Англичаните велат дека тоа е приближно 43 отсто“, вели тој за српски „Телеграф“.

„Минатата недела се објавени два труда и податоците велат дека 60-70 отсто од луѓето се во стартот резистентни. Тоа се младите жени, оние кои работат со деца, бидејќи во суштина децата ги имаат тие други корона вируси и тоа им дава заштита. Швајцарците направија голема студија и кај нив 60 отсто од луѓето имале вродена резистенција“, додава Несторовиќ.

Тезата на Несторовиќ за слабеењето на вирусот не е нова. Тој пред точно еден месец, на гостување на една српска телевизија, рече дека вирусот е толку ослабен, што очекува до 6 јуни целосно да го снема.

„Јас на почетокот од месец март, кажав дека вирусот ќе трае околу три месеци. Тоа беше шести март, значи пандемијата би требало да заврши околу 6. јуни.

Вирулетноста на овој вирус е толку опадната, што јас се плашам дека фармацевтските куќи нема да можат ниту да ја испитуваат потенцијалната вакцина, бидејќи вирусот ќе го нема.

Ако на почеток од кризата се велеше дека за 80 проценти корона ќе биде со скоро никакви симптоми, дваесет ќе имаат симптоми, а 5 проценти ќе бидат критични, во овој момент дури за 98 проценти од заразените, вирусот не претставува никаков проблем. Само два проценти се тешки случаи, кои во последните две недели, речиси и да ги нема во Србија.

Така да, верувајте, нема да има никаков втор бран. Епидемиолозите се доктори кои малку повеќе веруваат на бројките и тоа е во ред. Но ние клиничарите имаме поголемо искуство“, рече пред еден месец Несторовиќ.

Вирусот не само што не исчезна, туку најпрво во Македонија, а сега и во Србија се распламти во размери каков не беше ниту во март и април.