Home Вести Македонија Борче Трајковски: Ништо не е завршено со СЈО, заврши само приказната на...

Борче Трајковски: Ништо не е завршено со СЈО, заврши само приказната на Катица

Борче Трајковски: „Нема место за патетика и цимулење. СЈО не е мр тво. Не е ниту на апарати. Најдобра дефиниција во овој момент, за статусот на СЈО, што ми доаѓа на памет, е дека СЈО е на заслужен одмор, на пауза, после која ќе се врати уште посилно, посамоуверено, исчистено, проветрено, стегнато, и секако, многу поискусно.

Колешки и колеги, баталете ги жалопојките од типот на “Параходот потона“ и барањето одговори на прашањата – “можеше ли нешто да се стори за да се спречи?“.

“Капетанот се фрли во океанот, но, на параходот се’ уште сте вие, сите“. Одбегнувајте ги лицемерните коментари за тоа како некои борци против СЈО жалат за последниот работен ден на СЈО, а бликаат, фрлаат искри од задоволство и среќа, па сега паметуваат како генерали после битка.

Тоа ќе ве навлече во патетика и повторно во погрешно друштво. Прашањето на кое треба да почнете да работите, здушно и енергично, е најитно да ги вратите предметите во ваши раце. Не формално и не декларативно.

Да, обвинителки и обвинители, вашата борба мора да продолжи тука за да допре до сите релевантни институции, до таканаречената меѓународна, а највеќе до јавноста, во итно барање на предметите во ваша надлежност, со истите тимови со кои дененоќно ги работевте, од истото место да продолжите без никакво влијание од други обвинителски и политички инстанци.

СЈО ќе ум ре оној момент кога вашите започнати и недовршени предмети ќе се напластат со дебел слој прашина во нечии архивски подруми. СЈО е живо додека се живи предметите…

Тие се вашите чеда, вашите деца, од кои не смеете да се откажете. Приказната за Катица е завршена, но, вашата и онаа за вашите предмети, не е. Таа ќе заврши, ако продолжите со кревање рамења, со повлекување пред бариерите на лажната моќ на корумпираните политичари, пред високите бедеми на крупните криминалци.

Ништо не е завршено со СЈО додека не завршат предметите. Не дозволувајте ниту државата ниту јавноста да заборави на вашите “чеда“. Дури, мислам дека и ваша должност пред самите себе, и пред сите оние кои ја гледаа светлината на правдата во вас, да си ги побарате “децата“ назад.

Тие имаат единтсвено право да израснат со вас и со никој друг. Четири години, дење ноќе, купишта докази, искази, сведочења, сослушувања, за да се родат вистински обвинителски предмети, не смеете да ги фрлите во архивите на историјата.

Тука е вашата борба, или, тука ќе се види сплотеноста со која зрачеше СЈО и внатре и надвор. Не кревајте раце, обвинителки и обвинители. Не се плашете од сите кои од вас се’ уште се плашат. Вие сте се’ уште симбол на правдата. Докажете го тоа.

Седнете, договорете се и побарајте си ги “децата“ назад. И тимовите. И просториите. И техниката и условите. Не ги грчете рамењата, не се стегајте. Притиснете, разбуричкајте ја јавноста, не се откажувајте од предметите. СЈО не е мртво, се додека се живи вашите предмети…

П.С. Ми беше огромна чест и задоволство да бидам зрнце песок од темелите на правдата во Македонија. Ве сакам сите, и ве охрабрувам да ја продолжите борбата…

П.С.С. Ќе ве соберам. Ќе се обидам да ве соберам. Да се развеселиме како што знаевме, и насмеани да ве оставам во сеќавањата, и насмеан да ме испратите во таа веќе долгоочекувана пензија. Одамна требаше тоа да се случи, ама, ете, короната си го направи своето. Да сте ми здрави и среќни, и ведри, и вредни, разбира се… Тенкју…“