Home Вести Македонија Ванковска емотивно: Бескрајно ми недостасува, секој ден – го нема, и морав...

Ванковска емотивно: Бескрајно ми недостасува, секој ден – го нема, и морав да живеам со тоа

Професорката Билјана Ванковска на својот профил на Фејсбук напиша емотивен статус во кој вели:

Тешко ми е да поверувам дека мина една цела деценија од заминувањето на мојот најголем Ментор и најдрагиот Викинг, Хакан Виберг!

Од нашата прва средба во 1997 година во COPRI, каде беше долгогодишен директор, до последните денови на животот ми беше интелектуална инспирација, академски водич, човечка потпора и луциден ум кој гледаше под површината, а на кој можев да се потпрам во секоја дилема.

Објавивме неколку заеднички трудови, и првенствено една важна книга, која ја сметам за мојот ВИСТИНСКИ докторат. Тоа беше процес на учење, на преиспитување на сето она што сум мислела дека го знам (демек, доктор на науки од УКИМ), но и на расправи, па и кавги.

Кога ме сретна едвај и да знаев да артикулирам што мислам поради тремата, немањето самодоверба и слабиот англиски јазик. Многу години подоцна го прашав како тоа не помислил дека не сум вредна, онаква никаква. Одговорот беше: јас видов небрусен дијамант, и знаев дека му треба само малку брусење за да блесне!

Тој ми беше секогаш првиот читател, било да стануваше збор за колумна (да, да, научи македонски заради „Македонката“) или за научен текст. Објективен. критичен, строг, ама секогаш на место – но, и ќе ме поттикнеше со една реченица: „кога рецензирам други научни трудови обично заспивам после 2/3 страници, одлични се ама здодевни. Но, твоите трудови ги читам во еден здив!“

Низ годините доаѓаа разни кр изи (кога во МК не била кр иза?), се допишувавме секојдневно, му ги раскажував собитијата овдешни, лудориите и будалаштините на вождовите, а тој секогаш имаше мудар коментар, кој ќе откриеше и друга димензија која можеби сум ја пропуштила, онака инволвирана и субјективна во овдешните случувања.

НИКОГАШ не пропушташе да ми каже дека „неговиот валкан циничен ум“ гледа замешателство од Вашингтон или Брисел. Да, Хакан беше од оние големи мудреци и Учители, кои ме охрабруваа да бидам политички некоректна, односно ми покажуваа дека ништо не е лошо со моето расудување, и дека само треба да имам храброст да го кажам она што го мислам.

Хакан го сакаше овој наш прок лет регион, понекогаш повеќе од нас самите, разочарани или изморени. Тој знаеше со солзи во очи да ми каже дека овдешните луѓе, и покрај се’, се ЛУЃЕ, се дури можеби и многу подобри од оние меѓу кои тој живееше на Западот.

Тој знаеше дека нашите несреќи не произлегуваат на нашиот (наводно) „инхерентен“ примитивизам и балканизам, туку дека вековниот третман на Големите сили на овој дел од светот оставил длабоки и погубни траги.

Бескрајно ми недостасува. Секој ден. И особено кога имам потреба да му раскажам за она што ни се случува. Го нема, и морав да живеам со тоа, но секогаш ќе се запрашам: како ќе го толкуваше ова Хакан? Што ќе речеше неговиот циничен (а сепак, толку хуман) ум?

Не знам дали доволно ме избруси, но знам дека тој помогна да станам она што сум. И токму денес на денешнината на неговата см рт, јас работам на политички најНЕкоректната книга во мојот живот на која тој би бил горд и среќен.

Оваа книга си ја должам себе си, ама и нему – на човекот кој ме научи да барам интереси зад убавите зборови на сирените од Западот, да ги гледам без розеви очила и да не се плашам да кажам дека си ја сакам земјата, регионот, нашата култура, а дека сум против милитантниот и себичен Запад. Според него, не можеш да бидеш истражувач на мирот и конфликтите, а да го поддржуваш НАТО, амњриканските имепријални авантури и освојувања, и германскиот мек империјализам прикриен во ЕУ.

Велат, напредок е кога стоиш на рамената на џинови и оттука можеш да видиш повеќе и подалеку. Јас сум му бескрајно благодарна на мојот добар џин!