Home Живот Симптомите се слични – како да разликувате дали имате настинка, корона или...

Симптомите се слични – како да разликувате дали имате настинка, корона или алергија?

Доколку имате лоша здравствена слика, не чекајте да ви се влошува уште повеќе состојбата, туку веднаш јавете се кај здравствените служби. Ова се најчестите симптоми за некои здравствени состојби кои може да се совпаднат и потешко да се разликуваат.

НАСТИНКА И АЛЕРГИИ: иритација на очите, затнат или растечен нос, кивање.

НАСТИНКАТА кај повеќето луѓе започнува со обично гребење на грлото, потоа се растекува носот и на крајот се развива кашлица. Може да се појави главоболка и треска и оваа состојба да трае неколку денови.

За споредба, ГРИПОТ ве погодува одеднаш: Имате силна главоболка, започнува сувата кашлица, може да добиете засипнат глас, добивате болки во грлото и целото тело, а телесната температура може да се покачи и до 41 степен. Апетитот се намалува и пациентот е изнемоштен и не може да стане од кревет со денови.

Обичната настинка поминува за неколку денови, а повеќето симптоми исчезнуваат за една седмица. Грипот е малку потежок, па болниот го задржуваат во кревет најмалку една седмица, а во некои случаи потребни се неколку седмици за лицето да се почувствува подобро.

ГРИП И КОРОНА ВИРУС заеднички симптоми: висока температура, мачнина, болки во мускулите/телото, кашлање, симптоми кои се влошуваат.

КОРОНАВИРУС класични симптоми: сува кашлица, висока температура, болки во мускули, изнемоштеност, краток здив/потешкотии со дишење (останато: патување во ризична зона, изложеност на вирусот).

ГРИП класични симптоми: зголемување на секретот, главоболка, густ спутум, дијареа.

АТИПИЧНИ СИМПТОМИ ЗА КОРОНА: растечен нос, воспалено грло.

КОРОНА ВИРУСОТ го отежнува дишењето, болниот има чувство како да се дави во вода, и на крај може да развие пневмонија. Меѓутоа, и обичниот грип може да развие пневмонија, па така, и двете состојби се алармантни и бараат лекарски надзор – советуваат експертите.

Раните симптоми на алергија, настинка, грип и коронавирус може да бидат многу слични. Особено почетните фази на настинката, грипот или корона вирусот може да бидат речиси идентични, а кај некои случаи се толку благи што воопшто не се ни забележуваат.

Затоа, неопходно е да бидете внимателни и да го следите развојот на вашите симптоми, особено ако спаѓате во ризичните групи.

Најризична група се постарите лица, луѓето со астма или други заболувања на белите дробови, како и лицата со дијабетес и бремените жени.

Бидејќи корона вирусот е нов и непознат за човековиот организам, постојат одредени прашања на кои треба да одговорите доколку се сомневате дека сте се заразиле од истиот:

-Дали неодамна сте патувале, и ако да, каде? Дали некој во вашиот дом или некој ваш соработник, школски другар некаде патувал? Каде?Дали вие или некој ваш близок бил во област каде што има присуство на овој вирус?

Ако одговорите на сите овие прашања се негативни, тогаш веројатно сте заболиле од сезонски вирус, па ќе ви бидат препишани соодветни лекови, со препорака да пиете многу течности и да одморате.

Ако и натаму сте загрижени, јавете се во центрите одредени за тоа или кај својот матичен лекар и опишете му ги сите симптоми кои ги чувствувате. Оставете тие да донесат одлука на кој начин ќе бидете лекувани.

Исто така, сега се достапни и тестови со кои може да се потврди дали сте заразени со корона вирусот.

Меѓутоа, мора да имате во предвид дека доколку тестот излезе негативен на корона, тоа не значи дека и натаму не сте во опасност. Голема е опасноста и од обичниот, сезонски грип.

Веројано грипот не го земаме сериозно и не дигаме паника, и покрај статистичките податоци, бидејќи на него некако сме навикнале.

Коронавирусот може да има релативно повисока стапка на смртност од грипот, доколку се продолжи тенденцијата за негово ширење.

Меѓутоа, дури и со статистичката разлика во стапката на смртност помеѓу грипот и короната, сепак грипот е почест и претставува проблем за сите возрасти и категории на луѓе.

Па така, и покрај паниката од коронавирусот, не треба да се заборават опасностите и од обичниот грип.

Важно е да се преземат мерки на претпазливост за да се спречи ширењето на коронавирусот и секој граѓанин совесно да постапува согласно пропишаните мерки – наведуваат експертите.

Ирена П. Фото: Илустрација

Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама