Home Вести Македонија Филипче и Заев го испратија Иван дома – но благодарноста отиде кај...

Филипче и Заев го испратија Иван дома – но благодарноста отиде кај семејството на Емилија

На 22 мај оваа година, на Клиниката за Кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, во 2 часот по полноќ беше трансплантирано новото срце во телото на 54 годишниот пациент. Два бубрега од истиот донор во моментов се трансплантираат на Клиниката за Урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа, напиша тогаш министерот Филипче.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. др. Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со др Васил Папестиев, Др Марјан Шокаровски, др Ванѓел Здравески, др Кјутим Џелили, др Тања Анѓушева, др Никола Христов, др Стефанија Хаџиевска, Др Надица Мехмедовиќ, др Весна Миташова, Др Јасмина Илиевска, др Марија Гераковска и др Димче Славевски од Аџибадем Систина.

Денес, по речиси два месеци, Иван Огњановски си оди дома. Го испратија Министерот за здравство Венко Филипче и поранешниот Премиер Зоран Заев.

„Денеска пациентот Иван на кого му беше трансплантирано срце заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување.

Горд сум што испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата. Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело.

Покажавме дека знаеме и можеме. Продолжуваме максимално да се грижиме и понатаму за Иван и сите наши пациенти!“, напиша Филипче на социјалните мрежи.

„Денеска Иван на кого му беше трансплантирано срце заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување.

Испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата и горд сум на тоа. Горд сум на нашиот здравствен систем и стручноста на нашите здравствени работници.

Оддавам почит до семејството на Емилија Динева, за алтруизмот што го покажаа на дело. Нема повредна работа од еден спасен човечки живот.

Остануваме посветени на унапредување на јавното здравство и продолжуваме максимално да се грижиме и за Иван и за сите наши пациенти!“, напиша Зоран Заев.