Home Вести Свет Се огласи Ердоган: Зошто не сфаќате дека Цариград е на турска територија

Се огласи Ердоган: Зошто не сфаќате дека Цариград е на турска територија

Во петокот, за првпат по 86 години, од внатрешноста на Аја Софија се слушна молитвена песна. Поранешниот музеј ги отвори вратите за стотици верници, по пренамената во џамија во јули годинава.

Покрај верниците, на молитвата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Дел од верниците беа во „Аја Софија“, а илјадници други пред џамијата и настанот го следеа преку видео бим. Со оглед на строгите мерки поради пандемијата, властите ги одбележаа местата за молитва, посебно за мажите и посебно за жените, но на моменти полицијата беше немоќна да ја контролира толпата.

Настанот го обезбедуваа повеќе од 20 илјади полицајци. Пренамената од музеј во џамија на Аја Софија наиде на силни критики од САД, ЕУ, Грција, Руската православна црква, УНЕСКО и повеќе христијански лидери.

Најмалку 500 припадници на силите за безбедност ќе се грижат за безбедноста на истанбулскиот храм Света Софија, чиј статус е сменет од музеј во џамија. Ова го соопшти на прес-конференција во Анкара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

–Најавивме дека отсега Аја Софија ќе биде отворена 24 часа на ден. За безбедноста ќе се грижат 500 луѓе. Му благодарам на министерот за внатрешни работи (на Турција Сулејман Сојлу), рече Ердоган.

Тој додаде дека „отворањето на Аја Софија за молитви означува обнова на (турската) нација“.

Во меѓувреме, турските власти го уверуваат УНЕСКО за нивните намери тесно да соработуваат со организацијата при извршување на планираната реставраторска работа по пренамена на Света Софија од музеј во џамија.

Од УНЕСКО соопштија дека Турција ветила дека ќе покани делегација експерти на организацијата да разговараат за планот за реставрација.

„На отворањето на Аја Софија во петокот, видовме дека некои земји не знаат дека Цариград е на турска територија. Без оглед на тоа што поминаа векови од неговото освојување до денес, ние гледаме дека тие сè уште не признаваат дека Цариград е во рацете на турскиот народ и муслиманите“, изјавил вчера Ердоган на отворањето на новата турската разузнавачка служба во Истанбул, пренесува „Ортодокс Тајмс“.

Да потсетиме дека премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, во петокот изјави дека „она што се случува денес во Цариград (Истанбул) не е приказ на сила, туку напротив, е знак на слабост“. Мицотакис ја обвини Турција за „навредување на наследството од 21 век“.

Црквата Света Софија е изградена во 537 година и претворена во џамија во 1453 година, веднаш откако трупите на султанот Мехмед Освојувачот го уништиле, заробиле и ограбиле Цариград, денешен Истанбул.

Пет века подоцна, во 1935 година, за време на проевропската реформа на Турција предводена од Ататурк, таа беше претворена во музеј. Осумдесет и шест години подоцна, статусот на Аја Софија беше променет уште еднаш – повторно стана џамија.