Home Живот Теодора: Другари, потребна ни е помош за Ванчо од Куманово, се сеќавате...

Теодора: Другари, потребна ни е помош за Ванчо од Куманово, се сеќавате на него нели

Можеби многумина се сеќаваат за животната сторија на чичко Ванчо од Куманово, но за оние кои не знаат за што станува збор ќе потсетиме.

Од пазарџија до бездомник. Живеел по паркови, во напуштен автобус, на улица. Ванчо Спасовски од Куманово има дом, но и освен што се грижи за себе, тој се грижи и за други. Помага во домот на Лилјана Ратковиќ, готви и се грижи за неа. Тажната приказна за неговиот живот сега добива нов почеток.

Кога не е тука се обидува да заработи дополнителен приход. Купува и препродава стари работи на дивиот пазар кај скопското Кале.

Ванчо веќе трета година живее во подрум во зграда во Центарот на градот. Му помогнале станарите кои виделе дека спие во паркот пред зградата. Се испративме пред неговиот скромен дом, ни посака среќа, а за себе да е здрав и спокоен за Божиќ.

Да му помогнеме на чичко Ванчо. Овој апел денеска преку својот фејсбук профил го испрати новинарката Теодора Цветковска, од телевизијата Телма, која пред јавноста ја раскажа приказна за овој човек, а за својот новинарски прилог доби и награда – Гласник на невидливите.

Еден од соседите на чичко Ванчо решил да му ја отстапи една од подрумските простории и неа да ја претворат во пристоен дом за живеење. Киријата за оваа просторија, која е ниска, ќе си ја плаќа самиот чичко Ванчо, но сега е потребна помош во материјали, за овој простор да му стане пријатен за живеење на измачениот човек.

„Другари, потребна ни е помош! Се сеќавате на Ванчо од Куманово нели? Еден од неговите соседи реши да му помогне и една од подрумските простории да ги претвориме во пристоен дом за чичко Ванчо.

Затоа ќе ни треба мала помош, киријата ќе ја плаќа тој, но потребни се: 10 гипс картон табли, 3 вреќи радикол, 4 греди и 8м2 бродски под, а ако има некој да донира стара врата и плочки.

Ви благодарам многу , слободно пишете ми во инбокс и мавнете по еден share“, напиша новинарката на својот профил.