Home Вести Свет Добар пример е Израел, тие ги отворија училиштата и еве како поминаа

Добар пример е Израел, тие ги отворија училиштата и еве како поминаа

Справувањето на Израел со пандемијата во почетокот се сметаше за успешно. Земјата со девет милиони жители брзо ги затвори своите граници, во средината на март ги затвори училиштата и воведе учење од дома за своите два милиони ученици. Во април Пасха и Рамазан се славеа во карантин.

До почетокот на мај, стапката на инфекција опадна од повеќе од 750 потврдени случаи на ден, на двоцифрени бројки. Најмладите ученици, од трето одделение и подолу, и постарите ученици што полагаа завршен испит се вратија во мали групи, а училниците ги користеа во смени.

Потоа, охрабрена од падот на стапката на инфекција, владата целосно ги отвори училиштата на 17 мај, денот кога новата влада положи заклетва.

Во својот инаугуративен говор, премиерот Бенјамин Нетанјаху вети нов буџет што ќе донесе три работи: „Работни места, работни места, работни места“. Неговиот нов министер за образование, Јоав Галант, рече дека „итната мисија“ на училишниот систем е да им овозможи на родителите спокојно да се вратат на работа.

Ина Залтсман, претставничка на Министерството за образование, рече дека раководителите сакале и „колку што е можно повеќе да им ја вратат рутината на децата, заради нивната емоционална и педагошка благосостојба“.

Веќе се отворија трговските центри, пазарите на отворено и спортските сали, а наскоро и храмовите, рестораните, баровите, хотелите и салите за венчавки. Нетанјаху им рече на Израелците да грабнат пиво и, со доза претпазливост, „Излезете и уживајте“.

Од денешен аспект, тој совет беше неверојатно избрзан.

Истиот ден една мајка му се јави на еден учител во историското средно училиште Гимназија Халврит во Ерусалим. Нејзиниот син, ученик од седмо одделение, имаше позитивен тест на вирусот.

До следниот ден, училиштето потврди уште еден случај во деветто одделение. На крај, израелските власти соопштија дека за 154 ученици и 26 вработени е откриено дека се заразени.

„Имаше општа еуфорија кај јавноста, чувство дека добро сме се справиле со првиот бран и дека тоа е зад нас“, рече Даниел Леибовиц, директорот на Гимназијата. „Се разбира, тоа не беше точно“.

Министерството за образование објави безбедносни упатства: маски да носат учениците од четврто одделение и повисоко, прозорците да се држат отворени, често да се мијат рацете, а учениците секогаш кога е можно да бидат на растојание од два метри.

Но во многу израелски училишта, каде што во една училница од педесетина квадратни метри се напикани и до 38 деца, физичкото растојание се покажа невозможно.

Не можејќи да ги почитуваат правилата, некои локални власти или ги игнорираа или едноставно одлучија да не ги отворат училиштата со полн капацитет.

Потоа удри топлински бран. Родителите се пожалија дека е нехумано да се тераат децата да носат маски во спарните училници каде што отворените прозорци ја оневозможуваат климатизацијата.

Како одговор на тоа, владата четири дена ги ослободи учениците од носење маски, а училиштата ги затворија прозорците. Таа одлука се покажа како најлоша, велат експертите.

„Наместо да го затворите училиштето во тие денови, тие само им рекоа на децата ‘Добро, па седете на час со климатизација и извадете ги маските’, така што всушност вие и немате вентилација“, вели д-р Ронит Калдерон-Маргалит, професор по епидемиологија на Хебрејскиот универзитет – Школа за јавно здравје Хадаса Браун. „Имате идеални услови за појава на жариште“.

Гимназијата стана расадник на ковид-19. Кога беше откриен првиот случај, соучениците, наставниците и другите контакти на ученикот беа ставени во карантин. По вториот случај, кој не беше директно поврзан со првиот, училиштето беше затворено и на сите им беше наложено две недели да седат во карантин. Сите ученици и вработени беа тестирани, честопати со часови чекајќи во редици.

Околу 60 проценти од заразените ученици беа асимптоматски. Наставниците, од кои некои предаваа повеќе предмети, беа најпогодени, а неколкумина беа хоспитализирани, рече директорот.

Советот на Израел за другите земји е дека дефинитивно не треба да го сторат тоа што го направиле тие. Ова го изјави Ели Ваксман, професорка во Научниот институт Вајзман и претседателка на тимот што го советува израелскиот Национален безбедносен совет за пандемијата. „Тоа беше голем кикс“.

Лекцијата, велат експертите, е дека дури и заедниците што успеале да го стават под контрола ширењето на вирусот треба да преземат строги мерки на претпазливост при повторното отворање на училиштата. Помали одделенија, носење маски, клупи на растојание од два метри и соодветна вентилација се клучни мерки додека да се добие вакцина.

„Ако има мал број заразени, постои илузија дека болеста е завршена“, рече д-р Хагаи Левин, професор по епидемиологија на Хебрејскиот универзитет – Школа за јавно здравје Хадаса. „Но тоа е комплетна илузија“.

„Грешката во Израел“, рече тој, „е дека вие може да го отворите образовниот систем, но тоа мора да го правите постепено, со одредени ограничувања и тоа мора да го сторите мошне внимателно“.

Извор: Њупост