Home Вести Македонија Марјан Божиновски: Има потенцијален лек за вирусот – властите треба да купат...

Марјан Божиновски: Има потенцијален лек за вирусот – властите треба да купат 1000 дози и да тестираат 3 недели

Марјан Божиновски е доктор на технички науки. Докторирал во 2004 година на Aalborg Universitet, Данска, во рамките на институтот за електронски системи. Во рамките на своите истражувања применувал различни методи и алатки од статистика и теорија на веројатност.

Според Шангајската ранг листа на универзитети од 2018 година, Aalborg Universitet е на 2. место во Европа, а 14. место во светот во областа електрично и електронско инженерство.

Божиновски во списанието „Емитер“, како и на својот профил на социјалните мрежи изминатите денови, информира дека е пронајден лек кој може да биде ефикасен во третман на ковид-19, но и како превентива.

Човештвото е во очајна потреба од безбедно премостување на овој тежок период на пандемија до целосна вакцинација на светското население.

Би било идеално кога би постоел безбеден, ефективен и евтин лек, по можност во форма на апче и којшто лекарите би можеле да го препишуваат на пациенти веднаш по добивањето на позитивен тест и тоа за терапија во домашни услови. Кога таквиот лек би ја намалил стапката на хоспитализација за 5-10 пати, а со тоа пропорционално и стапката на смртност, ризикот од инфекција со SARS-CoV-2 би се свел приближно на ризикот од сезонскиот грип.

Со задолжителна доза на скептичност и претпазливост, можеме да констатираме дека веќе постојат меѓународни сознанија за комбинирана терапија со два или три лека којашто дава извонредни резултати. Се работи за лекот ивермектин како основен носител на терапијата заедно со антибиотикот доксициклин и евентуално дополнета со суплементот цинк.

Но, да почнеме по ред. Долг и тежок е патот до целосна вакцинација.

Во оптимистичко сценарио, масовното вакцинирање би требало да започне во првите месеци од 2021 и би завршило до крајот на 2021 за побогатите земји и до крајот на 2022 за останатите. Тоа значи дека светското население ќе треба да чека за имунизација најмалку 6 до најмногу 30 месеци. Прашањето е, како ќе се заштитиме од коронавирусот во тие 6 до 30 месеци?

Од почетокот на пандемијата досега започнати се стотици истражувања на постоечки и нови лекови за заштита и лечење од COVID-19. Некои реализирани студии веќе ја потврдија ефективноста на два постоечки лека за терапија во болнички услови – remdesivir и dexamethasone.

И покрај позитивните резултати, овие лекови не ја намалуваат значително стапката на см ртност од инфекција (анг. Infection Fatality Rate, IFR) којашто според неколку релевантни истражувања се движи во опсегот 0,5-1%, што пак претставува најмалку 5-10 пати повеќе од IFR на сезонскиот грип (којашто е проценета на максимум 0,1%).

Под претпоставка дека најмногу 70% од целокупното население би се заразиле, тоа би значело 6-12 илјади починати во нашата држава, или во светски размери, би починале 25 – 50 милиони луѓе. Ова се застрашувачки прогнози.

Исто така, COVID-19 е мултисистемска болест којашто напаѓа повеќе органи истовремено и има се’ повеќе докази дека голем дел од оние што ја прележале може да имаат трајни последици на срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб и крвните садови.

Пред да ја разгледаме хронолошката низа од настани поврзани со истражувањето на ивермектин, да видиме каков е овој лек.

Што е ивермектин? Ивермектин е антипаразитски лек со широк спектар на делување, висока ефикасност и исклучително висока безбедност. Се користи во ветеринарната медицина од 1981 за третирање на онхоцеркијаза и филаријаза предизвикани од паразити.

За третирање на онкоцеријаза кај луѓе првпат е употребен во 1987. Во последните три децении, овој лек е препишан во 3,7 милијарди дози низ целиот свет. Се користи и за елиминирање на вошки на главата. Достапен е во повеќе форми – таблети, капсули и орален раствор. За луѓе е дозволена само орална употреба.

Во последните неколку децении ивермектин се покажал мошне ефикасен in vitro и против низа вируси како што се HIV, денга, западно-нилски вирус и други РНК и ДНК вируси.

Како почна приказната за ивермектин против COVID-19?

Во април 2020 беше објавена in vitro студија спроведена во Универзитетот Монаш во Австралија. Eднократна доза на ивермектин аплицирана на култура од заразени клетки ја оневозможила репликацијата на SARS-CoV-2 и вирусната РНК во клетките била намалена за 5000 пати (99,98%) во рок од 48 часа. Исто така, не била забележана токсичност од дејството на ивермектин.

Оваа вест силно одекна во светската научна заедница бидејќи потврди дека ивермектин има силен антивирусен потенцијал против SARS-CoV-2. Таа беше повод да се започнат повеќе студии чија цел е да ја испитаат можноста ивермектин да се користи како лек и превентива од новиот коронавирус.

Од почетокот на мај во неколку држави во Јужна Америка (Перу, Боливија и др.), лекарите го препишуваат масовно off-label за третирање на COVID-19. Иако стигнуваат извештаи за успешно лечење, недостасува прецизно документирање и систематизирање на резултатите за да може веродостојно да се квантифицира ефектот.

Механизам на дејство на ивермектин против SARS-CoV-2

Во Scientia Pharmaceutica, журнал на Австриското фармацевтско друштво, пред неколку дена беше објавен труд во којшто се објаснува најверојатниот антивирусен механизам на дејствување.

Во нормален случај, SARS-CoV-2 протеинот се транслоцира во јадрото на клетката со помош на неговиот импортин-α (IMP-α) и importin-β (IMP-β) хетеродимер.

Штом навлезе во јадрото, SARS-CoV-2 протеинот се ослободува од IMP-α/β комплексот. Овој протеин промовира ефективно исклучување на домаќинот што води до редукција на имунолошкиот одговор овозможувајќи му на вирусот да се реплицира.

Ивермектин ја спречува транслокацијата на протеинот во јадрото преку врзување со IMP-α/β комплексот и дестабилизирање на IMP-α/β хетеродимерот. Најверојатно, овој механизам му помага на имунолошкиот систем да реагира ефикасно против вирусот. Слично објаснување е дадено и во овој труд објавен во мај годинава.

Меѓународни студии за ивермектин против COVID-19

1) Кон средината на јули, објавена е прелиминарна студија во која пациенти со лесна до умерена клиничка слика на COVID-19 биле поделени по случаен избор во две групи:

Група А: третирана со еднократна доза ивермектин и со доксициклин 10 дена

Група Б: третирана со хидроксихлорохин 10 дена и со азитромицин 10 дена

Резултати: Сите пациенти во ивермектин-доксициклин групата (група А) имале негативен PCR тест за просечно 8,93 дена и сите постигнале опоравување од симптомите за просечно 5,93 дена. Повеќе од половината биле без симптоми по петтиот ден.

Во хидроксихлорохин-азитромицин групата (група Б), 96,36% од пациентите биле негативни по просечно 9,33 дена и без симптоми по 6,99 дена.

Група А имала помалку споредни ефекти во однос на група Б. Споредните ефекти вклучувале летаргија, гадење и повремена вртоглавица.

2) Во јулското издание на Journal of Bangladesh College of Physicians е објавен труд со наслов “A Case Series of 100 COVID-19 Positive Patients Treated with a Combination of Ivermectin and Doxycycline”. Студијата опфатила 100 пациенти при што:

73 лесни, 20 умерени, 7 тешки случаи. Возраст: 8 – 84 години Домашна терапија со ивермектин (една доза) + доксициклин (10 дена).

Резултати: 75% биле негативни по 13 дена, а сите биле негативни по 18 дена.

Ниеден пациент не бил испратен на интензивна нега. Немало забележливи несакани последици од терапијата. Во заклучокот на трудот авторите нагласуваат дека ако оваа терапија се даде во првите денови по позитивниот тест, може значително да се намали стапката на хоспитализација и да се спречат непотребните смртни случаи на респиратори во одделенијата за интензивна нега.

3) Во студијата насловена “Comparison of Viral Clearance between Ivermectin with Doxycycline and Hydroxychloroquine with Azithromycin in COVID-19 Patients”, 400 пациенти биле поделени во две групи:

Група А: ивермектин и доксициклин

Група Б: хидроксихлорохин и азитромицин

Резултати: 83% од група А биле чисти од вирусот по 6 дена
81% од група Б биле чисти од вирусот по 12 дена. Ивермектин + доксициклин супериорен во однос на хидроксихлорохин + азитромицин. Ивермектин + доксициклин е безбедна комбинација и ефективна за чистење од вирусот во раната фаза на инфекцијата кај лесни до умерени COVID19 пациенти.

4) Во прелиминарната студија објавена во јуни со наслов “ICON (Ivermectin in COvid Nineteen) study: Use of Ivermectin is Associated with Lower Mortality in Hospitalized Patients with COVID19” биле третирани и испитувани 280 пациенти во четири Broward Health болници во јужна Флорида, САД. Од нив, 173 биле третирани со ивермектин додека 107 биле третирани со стандардна нега.

Резултати: 40% помала смртност кај пациентите третирани со ивермектин. 52% помала смртност кај пациенти со тешка пулмонарна болест третирани со ивермектин (овие пациенти биле на кислородна поддршка или на респиратор). Не биле забележани значајни споредни ефекти од употребата на ивермектин

5) Во јули е објавена прелиминарна студија со наслов “Effectiveness of Ivermectin as add-on Therapy in COVID-19 Management”. Вкупно 87 пациенти биле поделени во две групи:

16 пациенти кои примиле една доза ивермектин и стандардна терапија од хидроксихлорохин и азитромицин. 71 пациенти кои примале стандардна терапија од хидроксихлорохин и азитромицин.

Резултати: Сите 16 пациенти од ивермектин групата биле излечени. Просечното време на болнички престој во оваа група било 7,62 дена.

Во контролната група од 71 пациенти, двајца поч инале. Просечното време на болнички престој во оваа група било 13,22 дена. Не биле забележани споредни ефекти.

6) Во јули е објавено Youtube видео со презентација на прелиминарни резултати од студија на Универзитетот во Буенос Аирес реализирана во болницата “Dr. A Ernekian”. Се очекува наскоро да биде објавен и трудот. Во презентацијата се дадени следните податоци:

135 лесни случаи биле третирани со ивермектин плус други лекови. 32 умерени/тешки случаи биле третирани со ивермектин плус други лекови. Дозата на ивермектин била пропорционална со степенот на клиничката слика.

14 умерени/тешки случаи биле третирани со други лекови, но без ивермектин

Резултати: Од 14 умерени/тешки случаи третирани со други лекови без ивермектин починале тројца или 21%. Средното време на болнички престој за оваа група било 21 ден.

Од 32 умерени/тешки случаи третирани со ивермектин плус други лекови, починал еден пациент или 3%. Средното време на болнички престој за оваа група било 14 дена.

Од 135 лесни случаи третирани со ивермектин плус други лекови, сите оздравеле. Статистички, состојбата на пациенти со лесни симптоми се влошува во 5% случаи. Во оваа група тој процент е нула, односно ниеден пациент не завршил во болница.

Интересно е да се спомене и дека едно од клиничките испитувања на ивермектин се спроведува во 9 болници во соседна Бугарија. Беше најавено дека студијата би завршила до август. Инаку, во Бугарија производител на ивермектин е фирмата Huvepharma (Biovet).

Меѓународни искуства со ивермектин против COVID-19

Освен клинички испитувања кои покажуваат дека ивермектинот сам или во комбинација со други лекови е ефективно оружје против COVID-19, постојат и споделени искуства на лекари од различни земји кои го користеле ивермектин за лечење на нивните пациенти.

Ќе почнеме хронолошки со д-р Тарек Алам, лекарот од Бангладеш којшто прв објави за успешно лечење со комбинацијата ивермектин и доксициклин.

Д-р Тарек Алам, Бангладеш. Уште во мај, иако незабележана од светските мејнстрим медиуми, се појави веста дека извесен д-р Тарек Алам од болницата Bangladesh Medical College Hospital (BMCH) во Бангладеш успешно ги излекувал сите 60 пациенти со позитивен коронавирус тест. Прашан за протоколот и дозирањето, тој изјавил:

“Тоа е нормалната доза којашто дерматолозите ја препишуваат против красти, 200 микрограми по килограм телесна маса. Исто така, користиме 100 милиграми доксициклин дневно.”

Подоцна, д-р Алам го применил истиот протокол успешно и на други 60 пациенти. Вели дека за оние пациенти кои имале потреба од кислородна поддршка, за 2-3 дена од почетокот на третманот тие се вратиле дома.

Подоцна, во јули, бројката на пациенти кои ја примиле терапијата на д-р Алам се искачила на 400-500. Тогаш го изјавил следното:

“Ги применуваме лековите во рок од 5-6 дена од добивањето позитивен тест кај сите пациенти и речиси сите се излечија. Всушност, треба да спроведеме студија за тоа дали овие лекови се ефективни и во подоцнежна фаза од болеста. Од април досега ја применивме на 400-500 пациенти.”

Неколку пациенти со коморбидитети завршиле на интензивна нега, а двајца починале иако биле третирани и со ремдесивир и плазма терапија. Според него, процентот на успешно излечени пациенти со овој протокол без потреба од хоспитализација е околу 98%.

Д-р Лорен Мики е специјалист за уво, грло, нос во болницата Glenwood Medical Mall во Луизијана, САД. Таа вели дека ивермектинот е стар лек за животни, и којшто лечи вошки кај луѓе, но дека се покажал успешен и во лечењето на локални COVID-19 пациенти:

“Видовме неколку пациенти кои изгледаа многу лошо кога ги примивме, но се опоравија мошне брзо. Сега, можете да кажете дека тоа ќе се случело секако, но јас навистина мислам дека лекот (ивермектин) помогна.”

Според нејзиното искуство, лекот е најефективен ако се даде на почетокот на болеста, пред симптомите да се влошат. Исто така, не забележала значајни споредни ефекти од користењето на лекот.

Професор Томас Бороди, Австралија: На 4 август се појави изненадувачка вест што ја разбранува австралиската здравствена јавност. Се работи за медицинскиот директор на Центарот за дигестивни болести на Австралија, проф. Томас Бороди, кој се прослави пред повеќе од 30 години со неговата тројна антибиотска терапија за лечење пептични улцери (чир на желудник) и со којашто се спасени милиони луѓе низ целиот свет.

Тој изјави дека тројната терапија (ивермектин, доксициклин и цинк) треба веднаш да се дава на новозаболени граѓани на Австралија. Како најприоритетни категории ги посочи здравствените работници и старите лица во домовите за нега. Меѓу другото изјави:

“Овие лекови се веќе одобрени. Не треба да се прават пред-клинички или клинички испитувања или други одобрувања од TGA (австралиската агенција за администрација на терапевтски добра) освен ако целта е да се комбинираат во една капсула, на пример. Програми за третирање на пациенти беа направени во САД и на други места според кои третманот дава резултати за 4-6 дена.”

Откако се стишаа реакциите по неговата прва изјава, на 19 август повторно излезе со нова изјава. Го понуди неговиот протокол на сите општи и матични лекари во Австралија кои, според него, можат легално да го препишуваат на своите пациенти за лечење или превенција од COVID-19.

Австралиските лекари можат да го контактираат проф. Бороди на e-mail адресата [email protected] и да го добијат протоколот за дозирање, како и информации за третирање на нивните пациенти.

“Лекарите по општа медицина можат уште денеска да ја препишат оваа терапија како “off label” третман согласно австралиските водичи – стандардна пракса во медицината.

Всушност, повеќе од 60% од рецептите во Австралија се “off label”. Тоа не е нов концепт. Се случува секој ден за менаџирање на болести и спасување животи.

Имаме терапија којашто може да се бори со COVID-19. Овие лекови се тука веќе 50 години, евтини се, FDA (американската агенција за администрација на храна и лекови) и TGA ги имаат одобрено и тие се исклучително безбедни. Зошто чекаме вакцина? За да спасуваме животи треба да користиме се’ што е безбедно и достапно во моментов. Можеме да го водиме светот во оваа борба.

Ниедно испитување не покажало дека терапијата базирана на ивермектин е неефективна. Напротив, меѓународните податоци укажуваат на речиси 100% стапка на излекуваност и подобрување на симптомите за 4-6 дена. Треба да ги споделиме австралиските сознанија од оваа тројна терапија со светот.

Владата може да ја запре оваа пандемија со отворено охрабрување на општите лекари да ги препишуваат овие лекарства. Оние кои имаат позитивен тест, оние кои се идентификувани како контакти на позитивни, и оние во групи со висок ризик како постарите лица и здравствените работници, ќе можат да ја добијат оваа терапија брзо.”

Проф. Бороди во неколку свои интервјуа истакна дека ивермектинот е толку безбеден што и бремени жени можат да го користат, додека за доксициклинот кажа дека погрешно е за него да се мисли како за лек со само антибактериско дејство, бидејќи убива маларија (која е паразит), а убива и група вируси.

Што понатаму?

Главниот аргумент на критичарите на терапијата базирана на ивермектин е дека недостасува голема рандомизирана плацебо контролирана студија како златен стандард во медицинската наука со којашто би се потврдиле или отфрлиле досегашните прелиминарни сознанија.

Контра-аргументот е дека рандомизирана плацебо контролирана студија е мошне тешко да се спроведе бидејќи таквите студии се обично скапи, инволвираат големи човечки и материјални ресурси и траат од 6-12 месеци.

За жал, коронавирусот секојдневно одзема речиси 7000 човечки животи глобално и можностите за таква студија се ограничени. Исто така, проблем е и етичкиот аспект бидејќи вирусот има стапка на смртност при инфекција од околу 1%, што значи дека еден дел од пациентите во контролната плацебо група би биле на некој начин жртвувани.

Аргументите во полза на ивермектин се:

Докажано безбеден лек. Бил препишан повеќе од 3.7 милијарди пати со никакви или незначителни несакани ефекти. Сите досегашни студии за ивермектин против COVID19 покажаа дека е безбеден.

Ниедна од студиите спроведени досега не покажала неефективност. Напротив, сите имаат извонредно позитивни резултати. Проф. Бороди има еквивалентно решение за плацебо контролирана студија:

Група А ќе ја сочинуваат сите инфицирани луѓе кои ќе бидат третирани со тројната терапија (ивермектин + доксициклин + цинк).

Група Б – “плацебо” контролна група составена од сите инфицирани во минатото кои не ја примиле тројната терапија.

Параметри за евалуација: процент на хоспитализирани од сите инфицирани во двете групи; стапка на см ртност во двете групи; други биолошки параметри на секој пациент во двете групи.

Стапката на хоспитализација при инфекција со SARS-CoV-2 (процент на инфицирани кои завршуваат во болница), според СЗО, е проценета на околу 20%. Сепак, таа зависи од фактори меѓу кои доминантна е возраста. За Македонија, процентот на хоспитализирани од вкупниот број активни случаи е околу 12%.

Стапката на см ртност меѓу хоспитализираните е околу 20% според една германска студија.

Ако претпоставиме дека проценката на д-р Тарек Алам за процентот на излечени пациенти со ивермектин-базирана терапија (без хоспитализација) е точна, односно стапката на хоспитализација е околу 2% и ако земеме дека 20% од хоспитализираните умираат (што е веројатно најлош случај), тогаш стапката на смртност од потврдените позитивни случаи би била околу 0,4%.

Моменталната стапка на см рност за потврдени позитивни случаи е околу 3,5%. Разликата е очебијна. Ивермектин-базираната терапија би ја намалила смртноста за околу 9 пати. Со ова, ризикот од COVID-19 би станал споредлив или дури помал од ризикот што го носи сезонскиот грип.

Дали според сево ова лекот ни е веќе на дофат и доколку почне масовно да се применува ќе можеме наскоро да си го вратиме нормалниот живот? Топката е кај здравствените власти.

‘Референците кои се користени, погледнете ги на Емитер

Во својот втор текст, објавен денес, Божиновски пишува:

Доколку постои идеален лек за COVID-19, би требало:

да биде исклучително безбеден; да служи и за превентива и за лекување; да биде ефективен за сите случаи на COVID-19: лесни, умерени, тешки и критични; да го спречи развојот на COVID-19 за најмалку 80%; да ја намали стапката на смртност за најмалку 80%; да може да се применува во домашни, амбулантски и во болнички услови; да биде евтин.

Во претходниот напис, анализата на досега спроведените студии и клинички искуства покажа дека стариот антипаразитски лек, ивермектин, е кандидат за идеален лек против COVID-19, особено затоа што бил извонредно безбеден и ефективен за сите клинички степени на болеста, со потенцијал да ја намали смртноста за најмалку пет пати.

Но, дали ивермектинот може да биде ефективен и како превентивна терапија? Одговорот стигна пред неколку дена, од најпознатиот регистар на клинички испитувања ClinicalTrials.gov. Имено, завршена е студијата насловена како Prophylactic Ivermectin in COVID-19 Contacts регистрирана во јуни. На сајтот е објавен и прелиминарен извештај во којшто се опишани целите и дизајнот на студијата, како и резултатите со сите статистички параметри. Да ги разгледаме во продолжение.

Носителите на студијата си поставиле за цел да одговорат на следното прашање:

Дали ивермектинот може да спречи симптоматскa болест COVID-19 кај најблиските семејни членови на луѓе што се потврдено позитивни?

Почетниот број на таканаречени индексни пациенти (потврдено позитивни) бил 93, но поради откажувања, на крајот останале 76 позитивни случаи со вкупно 304 блиски семејни контакти (кои живеат во ист дом). По случаен избор, биле поделени во две групи:

Третирана група: 203 возрасни блиски контакти на 52 позитивни случаи;

Нетретирана група: 101 возрасни блиски контакти на 24 позитивни случаи.

Секој член на третираната група добил прва доза ивермектин првиот ден и втора доза ивермектин по 72 часа (3 дена).

Сите испитаници биле следени, и тоа: во траење од вкупно 14 дена; развој на симптоми (треска, кашлица, болки во грлото, мијалгија, дијареjа, краток здив); радиолошка евалуација со компјутерска томографија на граден кош; PCR за симптоматските случаи; несакани ефекти.

Ги добиле следните резултати:

Во нетретираната група: 59 од 101 (58,4%) развиле симптоми;
31 лесни, 21 умерени и 7 тешки случаи.

Во третираната група: 15 од 203 (7,4%) развиле симптоми;
8 лесни, 6 умерени и 1 тежок случај; 11 од 203 (5,4%) пријавиле некој од следните симптоми: гадење, дијареја, поспаност, болки во стомакот, слабост.

Заклучок: Ивермектинот го намалил ризикот за заболување од COVID-19 за околу 8 пати, што претставува редукција од 87%. Несаканите ефекти се појавиле само кај 5% од испитаниците и биле во рамките на дозволеното отстапување, толеранција.

Практично, досегашните клинички испитувања го демонстрираа огромниот потенцијал што ивермектинот го поседува за успешна и ефективна борба против COVID-19, како за лекување, така и за превентивна терапија. Да се потсетиме на едноставното и брзо решение за еквивалентна плацебо контролирана студија ,предложено од проф. Томас Бороди:

Група А – новоинфицирани луѓе кои би биле третирани со тројната терапија (ивермектин + доксициклин + цинк).

Група Б – „плацебо“ контролна група составена од сите инфицирани во минатото кои не ја примиле тројната терапија.

Параметри за евалуација и споредба: процент на хоспитализирани од сите инфицирани во двете групи;
стапка на смртност во двете групи.

Останува да се надеваме дека здравствените власти во целиот свет, вклучително и во нашата држава, ќе покажат поголема заинтересираност за овој широко достапен, безбеден и евтин лек, како и за брза верификација на неговиот потенцијал, пишува Божиновски за Емитер.

Во свој статус на социјалните мрежи денес, д-р Марјан Божиновски апелира до здравствените власти кај нас, да купат 1000 дози од лекот и да го тестираат:

„ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ МОЖАТ ДА ЈА ПРОВЕРАТ ЕФЕКТИВНОСТА НА ИВЕРМЕКТИН ЗА 30 ДЕНА

Досегашните клинички испитувања и искуства го демонстрираа огромниот потенцијал што ивермектинот го поседува за успешна и ефективна борба против COVID-19, како за лекување, така и за превентивна терапија.

Но, фали рандомизирана, плацебо контролирана студија за дефинитивна верификација. Да се потсетиме на едноставното и брзо решение за еквивалентна плацебо контролирана студија, предложено од проф. Томас Бороди:

Група А – новоинфицирани луѓе кои би биле третирани со тројната терапија (ивермектин + доксициклин + цинк).

Група Б – „плацебо“ контролна група составена од сите инфицирани во минатото кои не ја примиле тројната терапија.

Параметри за евалуација и споредба: процент на хоспитализирани од сите инфицирани во двете групи; стапка на см ртност во двете групи.

Да се разумни и проактивни, нашите власти би можеле за најдоцна еден месец да го имаат одговорот и тоа применувајќи го моделот на проф. Бороди.

Замислете да набават итно само 1000 дози од било каде, и ги даваат еднократно (заедно со 10 дена доксициклин и опционо цинк) на секој новозаразен. Имајќи предвид дека секој ден има по 100-150 новозаразени, за 7-10 дена ќе може да истретираат група од 1000 новозаразени.

Тоа е група А. Ќе ги евидентираат точно и ќе ги следат во наредните 3 недели. Само два параметри им се доволно за евалуација:

стапка на хоспитализација во група А (колку % од нив ќе завршат во болница)

стапка на см ртност во група А

Овие два параметри веќе ги знаат за сите досегашни позитивни (тие всушност ја сочинуваат контролната група Б). Ако третираната група А покажува значително намалување на стапката на хоспитализација и стапката на смртност во однос на група Б, ќе имаат солиден доказ дека ивермектинската терапија е многу корисна. И ќе можат да ја даваат оттогаш на сите новозаразени. Според досегашните сознанија, трикот е во третирање со ивермектин во раната фаза од болеста. Кога ќе дојдат во болница, веќе е предоцна за голем процент од болните.

Ако сепак се покаже дека група А нема подобрување во стапката на хоспитализација и смртност споредено со група Б, тогаш ништо од ивермектин, ама, барем ќе знаат со сигурност дека не вреди.

Несаканите ефекти од ивермектин се незначителни и токму затоа е прикладен за брзо испитување со голем број испитаници. Во секој случај, нема штета да се испита, а може да има огромна корист.“