Home Вести Македонија Гордана Силјановска: А Мајката – ќе разберат ли СДСМ дека од 2016...

Гордана Силјановска: А Мајката – ќе разберат ли СДСМ дека од 2016 година тие се на власт

Гордана Силјановска Давкова: „АА, МАЈКАТА… пак згрешив, ама се извинив. Ќе сфати ли водството на СДС, или, ќе му каже ли некој добронамерен дека од 2016 е на власт? Свесно ли е дека сегашнава Влада сеуште е негова?

До кога, наместо институционален одговор од надлежните министерства на забелешките и критиките од ВМРО-ДПМНЕ, или од другите опозициски партии ќе добиваме партиски контрареакции, со ботовска придружба? Демек, на партиско соопштение со партиско соопштение.

Зарем не се свесни дека итната партиска контрареакција на секоја реакција на ВМРО-ДПМНЕ е ноторна потврда за ДРЖАВА-ПАРТИЈА, за партиска држава, односно доказ и показ на партитократијата како лош/извитоперен, недемократски облик и изблик на владеење?

Знае ли СДС дека опозицијата, како влада во сенка, има демократско право да реагира на погрешните политики , акти и активности на Владата на СДС?

Ќе се одважи ли некој просдмовски настроен човек, но учен и храбар, да им каже на министрите дека Владата треба да им служи на сите граѓани, па и на оние кои ја критикуваат, а не да биде партиска креатура и олигархиска машинерија (Острогорски, Михелс).

Ќе осознаат ли медиумите дека е неетички и нелогично да се објавуваат контрасоопштенија на партијата на власт, наместо одговор од надлежните институции?

Која е логиката на „веста“ што не кореспондира и не комуницира со критиката против Владата или министерствата, туку, посега по времеплов и завршува со: „а во ваше време“?

До кога партиите ќе победуваат со една програма, а ќе спроведуваат друга, лажејќи не, навредувајќи не и потценувајќи ја нашата меморија?

Зарем не е нечесно и политички неодговорно, наместо да се зборува за актуелното покачување на цената на струјата, од кое зависи преживувањето на огромен дел од популацијата, партиски да се пренасочува народното внимание кон минатото, наместо да се решава горечкиот егзистенцијален проблем, што е надлежност и обврска на сегашната, а не на некогашната власт.

Се разбира, кога живеете во друг свет, оддалечен од вистинскиот, наместо со широко отворени, „гледате “ со затворени очи . Како инаку европскиве госпоѓи и господа не видоа дека сите граѓани, па и македонскиве, очекуваат помош, погодени/покосени од Корона 19 вирусот, а не ценовен гром од 7, 4 %?

Зошто, по кој знае кој пат ги заборавија синдикатите, иако, според идеолошката определба би требало да се блиски до нив? Не е доволно да се сликате пред кафеана „ Синдикат“ за да станете синдикалистка? Беатриса Веб не глумела синдикализам, туку го живеела.

Не е ли хипокризија и цинизам Регулаторната комисија да не „ теши“ дека не спасила од 25% покачување, побарано од енергетските компании, односно се изборила за „само“ 7,4% раст на цената на струјата?

Чиј интерес доминира : личниот и профитниот, или јавниот и народниот? А ветувањето дека нема да дозволат зголемување на цената на струјата и нема да го гледаме вмроовскиот филм?

Има ли едно ветување кое што СДС не го прекрши или заборави? Не , нема, има само СДС АМНЕЗИЈА за многуте ветувања, избришани со политичката гума.

Ама, мнозина помнат што ветивте, а што сторивте. За наша среќа и ваша несреќа, сеуште има ГРСТ бунтовни, критички новинарски пера, кои ве потсетуваат во наше име, ама вие , како и оние пред вас, заборавате дека политичарите мора да одговараат и на тешки прашања, а не само на договорените, па, налутени , им се нафрлате, а по реакциите на новинарската фела, се извинувате.

Мандатот ви помина во младешка игра на синџир на грешење и извинувања! Во демократски политички систем, нормално е носителите на власта да бидат повеќестрано и длабински набљудувани и критикувани.

Обратно, во авторитарните режими, власта си дава за право да ја набљудува и критикува опозицијата и да ги дисциплинира љубопитните и истражувачки ориентирани новинари, етикетирајќи ги како проопозициски, антивладини, па и антидржавни непријатели („ Алфа“: Заев, Кузеска-бивша новинарка)!

Но, непослушни и СВОИ новинари имало и ќе има, оти не се сите новинари љубители на баклава, подготвена или послужена од власта.

Занесени во енормната моќ, опиени од купените фалби, опуштени од благословот и благоспевот на дежурните кербери, со отапени умови и сетила за проблемите, не поднесувате укажување дека сте ГОЛИ!

Опкружени со камелеони, импровизатори и лоши актери, толку се занесовте, што поверувавте дека навистина заслужувате Нобелова награда за вашиот “beautiful mind”, не сфаќајќи дека признанијата се Тројански коњ за наивни политичари, слаби на европски комплименти.

Така, наместо да созреете, вие се инфантилизиравте во духот и чувствата. Страдате од синдромот на Доријан Греј! Да се опкружевте со скептичари, ќе учевте и политички ќе порасневте. Тогаш полесно ќе увидевте дека нема(те) полза од алчни, нечесни , самобендисани, „европски“ новинарски конформисти, туку од искрени критичари со уверување.

Да не беа неколкумината новинари – мускетари, или малкуте „осило“ портали, да имавте минимум демократска свест, сами ќе ја стимулиравте нивната појава, ќе „ги измислевте“, за ваше и за наше добро, наместо да измислувате државни непријатели, да ги сатанизирате и гоните по судови.

Ама, фрустрираните, самобендисаните и искомплексирани политичари имаат насушна и непресушна потреба од обожаватели, па креираат гламурозни, „елитистички“, елегантни, екстравагантни медиумски фабрики како 1ТВ, за да изгледаат „европски“ и кога звучат малограѓански, но и рој од порталски тезги и „независни“ проекти за брза и сомнителна информативна храна за широка потрошувачка.

Ќе доживееме ли власт за која добронамерните критичари се добредојдени државотворен и демократски фактор? НИКОЛА МЛАДЕНОВ го замислуваше и практикуваше „Фокус“ како непријател на секоја власт!

За среќа, во пл(УРА)лниот медиумски простор сеуште има ЛИЧНОСТИ кои власта не ги сака, но ги почитува и потајно ги чита и слуша, а од нивната појава, глас и збор – се плаши,а исплашен човек, погрешно реагира. Тие се доказ дека без знаење и ум, без демократски порив, без емоции нема демократска имагинација, а камоли креација и акција.

Да не се тие не ќе се правеше разлика меѓу пишување заради пишување, пишување заради обрска, заради привилегија, заради пари, пишување и зборување од закана и страв, заради додоворување и ПИШУВАЊЕ во одбрана на правото, правдата и демократија, пишување заради вистината, пишување од љубов и страст, пишување заради слободата на мислата и изразувањето и ПРАВОТО НА ИНФОРМИРАЊЕ.

Ааа, мајката…. ПАК СЕ ИЗВИНИ, призна дека згрешил по кој знае кој пат….. ама НЕГОВИТЕ ќе му кажат дека не згрешил и тој пак ќе си греши …

Лек? Да се соочиме со грдата реалност. Да признаеме дека (не)македонцките работи се до балчак. Наместо да гласаме и коментираме да се занимавате со политика за таа да не се занимава со нашите животи.

Политичкиот простор е узурпиран од просечни и потпросечни ликови за кои политиката е: „кој, кога и како добива (Харолд Ласвел) во битката за (а)локација на вредностите (Дејвид Истон).

Кога го прашале еден мудар човек која е смислата на животот, тој одговорил: знам дека смислата на мојот живот е да се обидам да им помогнам на другите, ама не знам која е на ДРУГИТЕ!“