Home Вести Свет Ѓукановиќ вели чекајте – не се радувајте предвреме, не е уште сè...

Ѓукановиќ вели чекајте – не се радувајте предвреме, не е уште сè готово

Врз основа на 95 отсто од преброените гласачки ливчиња, црногорскиот Центар за мониторинг потврди доцна во ноќва, дека опозицијата има мнозинство од гласовите во црногорскиот праламент, и оти владејачката Демократска партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ по 31 година треба да замине во опозиција.

Според податоците на Центарот, ДПС на Ѓукановиќ има 30 мандати, коалицијата „За иднината на Црна Гора“ 27, „Мирот е нашата нација“ 10 мандати, а „Црно на бело“ четири мандати. По три мандата имаат Социјалдемократите и Бошњачката партија, два СДП и два мандата двете листи на албанските партии.

Според збирот на гласовите, трите опозициски партии имаат 41 мандат, а доколку на тоа се додаат и трите мандата на СДП на Ранко Кривокапиќ, кој последните четири години ги мина во опозиција откако во 2016 година се судри со Ѓукановиќ и ја напушти владејачката коалиција во која беше 18 години, произлегува дека опозицијата има солидно мнозинство. Црногорскиот парламент има 81 пратеник.

Првиот следен чекор кој го најавуваат челниците на опозициските коалиции ќе биде формирање експертска влада којашто Црна Гора би ја водела до излегување од економската криза. Во првите говори по прогласувањето на победата, оваа идеја ја поддржаа челниците на сите три коалиции.

Политичкиот аналитичар Милош Бешиќ гостувајќи на Телевизија Вијести во текот на пристигнувањето на изборните резултати, дека Ѓукановиќ ја загубил власта поради усвојувањето на Законот за слободата на вероисповедта и судирот со Српската православна црква (СПЦ), која под мотото „не ги даваме светиите“ ги мобилизираше верниците, и организираше масовни протести против овој закон, според кој ќе ѝ беа одземени многу црковни поседи, вклучително и манастири и цркви.

Покрај тоа, СПЦ имаше и удел во формирањето на опозициската коалиција „За иднината на Црна Гора“ којашто во Подгорица се дожувува како просрпска.

Мило Ѓукановиќ, кој е челник на Демократската партија на социјалистите, во своето прво обраќање по парламентарните избори ноќта кон понеделникот изјави дека ги почитува резултатите кои ги постигна опозицијата, и призна дека засега неговата партија со традиционалните коалициски партнери нема мнозинство во новиот парламент, но побара да се почека целосното пребројување на гласовите.

Мило Ѓукановиќ, кој ја има поддршката на Западот, е на власт во Црна Гора безмалку повеќе од три децении, повеќе од неговиот автократски белоруски колега Александр Лукашенко.

„Сѐ уште пристигнуваат резултатите и тешко е да се каже што е точна информација. Со коалициските партнери имаме 40 мандати (самата ДПС освоила 30 мандати -з.р.), борбата за мнозинството пратенички места сѐ уште трае“, изјави Ѓукановиќ истакнувајќи дека се обработени повеќе од 90 отсто од гласовите.

Истакна и дека ќе ги сочека и конечните резултати на Државната изборна комисија, додавајќи дека ќе ги почитува нивните резултати. Аналитичарите толкуваат дека тоа е порака на Ѓукановиќ дека не се откажува од власта и дека очекува победа, веројатно многу тесна или подоцна создавање мнозинство.

„Нашата партија во текот на своето севкупно постоење на политичката сцена изгради профил на граѓанска партија која се бори за мултиетничко општество и европски систем на вредностите.

Мислиме дека во текот на изминатите години направивме исчекор, дека Црна Гора стана светилник на западен Балкан и се надевам дека така и ќе остане и дека Црна Гора ќе остане стабилна држава“, изјави Ѓукановиќ.