Home Живот Да не се вработев немаше да знам дека постојат толку љубоморни луѓе...

Да не се вработев немаше да знам дека постојат толку љубоморни луѓе – се работи за моја колешка

Пред многу години, случајно или можеби намерно одлучив да се запишам на економски смер во средно образование. Најверојатно затоа што по кажувањата мислев дека тој смер е полесен и подобро се проаѓа со професорите.

После тоа дојде време за факултет, па си реков ајде економски ќе продолжам, и така колку-толку имам некоја основа. Е факултетот веќе ми беше друга приказна. Не бев некоја којзнае каква ученичка, па тие големи книги уште толку ме намачија.

Немам економист во фамилијата и не знаев претходно во каков ризик се впуштам па и поради финансиски причини. Не сакав за џабе да бидат фрлени парите на моите.

Првиот семестар ми беше претежок, не знаев што да правам со себе, но со поддршката на родителите некако успеав да се повратам и почнав полека да си ги завршувам испитите. По некои 6 години успеав да дипломирам.

Познато е дека кај нас економисти има “со лопата да ги копаш” и тешко се наоѓа работа, па така и јас некој период не работев на струката, туку како келнерка и шанкерка сè дури не ми излезе среќа да се вработам во една банка на шалтер.

Работата беше на определен временски период и набрзо прекинав, но можам да кажам дека како за еден вид пракса на почеток имав одлично искуство од таму. Што после тоа?

Пак се мислев дали ќе се вработам на струката, аплицирав на огласи, но на најголем дел не ме ни повикуваа заради тоа што кај нас се знае кои луѓе треба да се вработат на тоа место.

Ни врски ми помогнаа, ни ништо. Јас секогаш се надевам на мојата среќа и труд, така се случи и овојпат кога ја добив работата. Банката се наоѓа во мојот град, си аплицирав уредно и најмногу заради претходното работно искуство, ме вработија.

Е тука си ја видов сета мака. Не очекував дека средината, односно луѓето со кои работиш една смена, може толку да влијаат врз твојот успех, работа и расположение. Не очекував дека може да постои таква љубоморна личност, алчна и жедна секогаш да ти напакостува.

Се работи за мојата колешка со која секој ден работам, помлада е од мене и исто нововработена, но е многу итра. Цело време сака да се натпреварува со мене затоа што двете почнавме во исто време и таа сака да се покаже како подобра.

Колкупати се имам правдано кај главниот заради тоа што таа ме клевети или дава лажни налози, за кои тие по доста проверки мора да утврдат дека се невистина. Зборува дека остро сум се обраќала кон странките кои доаѓаат и не сум сакала да ги услужувам.

Уште па и ми се сили со тоа кои биле нејзините, можеле веднаш да ме избркаат од работа ако реагирам. Добро девојко, што сакаш да постигнеш ти со тоа што ќе ме избркаат? Пак ќе се ослободи место и пак мора да се вработи некој.

И над нас има луѓе и тие одлучуваат за тоа. Не можеш да поставуваш ред ти. Си има камери и тие сè снимаат. Дури и на другите колеги и колешки им зборува лошо за мене, а буквално не се ни запознавме како што треба.

Многу е лошо кога сакаш да се споредуваш со другите и се натпреваруваш пробувајќи да го згазиш подобриот. Тоа го прави затоа што и самата е свесна дека сум за ниво поквалитетна од неа, повредна и работата ја извршувам совесно, а не како нејзе која уште се фали пред сите со тоа што нејзините ја вработиле.

И покрај советите уштe од мала дека во животот ќе се среќавам со секакви личности и мора многу да се пазам, сепак дури не осетив на своја кожа не знаев како може некој некому да мисли лошо.

Се случува после работа изнервирана плачејќи да се вратам дома заради немирите од смената, а не сакам да правам скандали таму и да се расправам со неа.

Едноставно таа си е таков карактер и не е важно дали ќе сум јас или некоја друга колешка, навикната е да оди преку сè само за да добие унапредување, знам дека тоа и е целта. Дури имам помислувано и да ја напуштам работата од таа причина.

Не се знае кој и што може да ти подметне кога работиш со пари. Не знаев дека треба толку многу да внимавам кога работам со пари баш заради тоа што постојат такви луѓе кои гледаат на секој начин да ти наштетат.

Ама не, не се откажувам и покрај нејзиното однесување. Сè друго ќе си излезе на виделина и ќе се види вистинскиот квалитет.

Обработи: С.С. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама