Home Вести Свет Вучиќ се пофали дека веќе договорил скоро 2 милиони вакцини за Србите

Вучиќ се пофали дека веќе договорил скоро 2 милиони вакцини за Србите

Луѓето ширум светот минатата недела слушнаа радосни вести, откако компанијата Фајзер соопшти дека нивната вакцина е во финална фаза пред одобрување и е со 90 процентна заштита.

„Фајзер“ веќе продаде 82 процента од своите резерви на вакцини на некои од најбогатите земји во светот, што предизвикува загриженост дека нема да има доволно дози за луѓе од посиромашните земји.

Фармацевтскиот гигант и неговиот германски партнер „Бионтек“ планираат да произведат вкупно 1,3 милијарда дози во текот на 2021 година, но голем дел од вакцините веќе е нарачан од Велика Британија, Јапонија, САД и од Европската Унија.

Оние земји што купија стотици милиони дози претставуваат само 14 проценти од глобалното население. САД ќе добијат 600 милиони дози, Велика Британија – 40 милиони дози, а Јапонија и ЕУ обезбедија 120 милиони и 300 милиони вакцини соодветно.

Анализата на продажбата ја спроведе групата за здравство и социјална правда со седиште во Велика Британија, „Глобал џастис нау“, која предупреди дека недостигот на еднаков пристап до вакцините на „Фајзер“ им се заканува на многу животи во светот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека ќе ги послуша предлозите на Кризниот штаб за тоа што треба да се направи во врска со епидемијата на корона вирусот.

Сепак, Вучиќ истакна дека тој бил за полициски час, а не за половични решенија.

Бев за полициски час, а тоа затворање од шест до шест, тоа се половични решенија, кои нанесуваат поголема штета на економијата, а корист нема да донесат. Сепак, ќе ги почитуваме – одговри Вучиќ на прашањето дали кризниот штаб би предложил некои нови мерки.

Во обраќањето до јавноста во врска со моменталната епидемиолошка состојба Вучиќ изјави и дека е почната потрага по вакцини. Тој соопшти дека досега Србија обезбедила 1,8 милиони дози вакцини, кои најверојатно ќе бидат од американскиот производител „Фајзер“.

Најважно е здравјето на населението. Заедно со Владата, тргнавме во потрага по вакцини, да обезбедиме вакцини на најлесен начин, за прво да ги намалиме, а потоа да ги запреме катастрофалните ефекти што ги има короната – изјави Вучиќ.
Српскиот претседател објасни кои групи се приоритетни за примање на вакцината.

До крајот на јануари ќе се обидеме да обезбедиме доволно вакцини за здравствениот систем, армијата и полицијата кои се најпогодени.

Веднаш по нив ќе бидат оние кои се веќе болни, како и постарите лица. На крајот, средовечните и младите. Многу важна порака е дека првите вакцини ќе ги имаме пред крајот на декември – нагласи Вучиќ.