Home Вести Македонија Заев: Кога поканив албанци во СДСМ, другарите ми викаа – Што правиш...

Заев: Кога поканив албанци во СДСМ, другарите ми викаа – Што правиш бе, ќе ја уништиш партијата

Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва од Берлин потврди дека не очекува добри вести од утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел и почеток на преговори. Решение со Бугарија ќе се бара во декември.

ЕУ на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија.

Надежите сега се селат следниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија. Веста од Берлин попладнево ја соопшти премиерот Зоран Заев во дебатата откако ја доби наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел“, рече Заев, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември.

„Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор“.

„Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, рече тој.

Претходно, во обраќањето до присутните, Заев избегна директно да ја спомене Бугарија, но порача „дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“.

„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото“, рече Заев, а пренесе Дојче Веле на македонски јазик.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ја цитираше паролата на Заев „Едно општество за сите“ пред да му ја врачи наградата на фондацијата „Фридрих Еберт“ за човекови права на македонскиот премиер и рече дека „нема подобри зборови со кои може да се претстават Европа и нејзините вредности.”

„А тоа е токму спротивното од она во што сакаат да веруваме националистите: Човек може да биде Македонец или Албанец и истовремено да биде горд граѓанин на Скопје, Северна Македонија и Европа“, кажа Мас.

Заев, зборувајќи на панел-дискусија по примањето на наградата во Берлин, раскажа како почнал концептот „Едно општество за сите“ во неговата партија.

„Уште од формирањето на СДСМ, имавме учество од различни етнички групи, но тоа беше симболично. Негде во 2015 година, кога почна дискусијата за едно општество за сите ги поканивме сите да учествуваат за да се бориме против автократскиот режим и да ја вратиме демократијата и слободниот живот во земјата.

Сакавме да поканиме луѓе од различни етнички групи да се придружат на мојата партијата и првата реакција на моите сопартијци беше: ‘Што правиш бе, ќе ја уништиш партијата. Ќе ги загубиме македонските гласачи’.

Ме убедуваа дека Македонците гласаат за македонски партии, Албанците гласаат за албански партии… И кога почнавме, навистина беше ризично, но покажавме дека можеме да ги зближиме луѓето и кога тоа се прифати во партијата потоа во општеството беше полесно, бидејќи општеството веќе беше определено да оди во тој правец.

Сега имаме албански кандидати кои имаат гласови од граѓани кои не се Албанци. Имаме кандидати од различни групи и тие се поддржани во зависност од која тема ја поддржуваат, како нови градинки, нови училишта, нови водоводни системи и слично. Тоа се нови концепти“, рече Заев денес, а пренесе сдк.мк