Home Живот Горан Кунгуловски од болницата на Жан Митрев околу новата мутација на вирусот

Горан Кунгуловски од болницата на Жан Митрев околу новата мутација на вирусот

Пред неколку денови, британските власти објавија за најнова мутација на пандемискиот вирус. Откако за првпат беше забележана на островот, алармот беше вклучен во повеќе земји од Европа и светот кои го затворија небото од и кон островот.

Германија ги забрани летовите на неодрено време а Франција издаде забрана на секаков вид патување што резултираше со илјадници заглавени патници на аеродромите ширум кралството .

-Рестрикциите значат дека патувањето е лимитирано, па за некои од нас патниците значи дека мора да останеме во Велика Британија.

-Јас летам за Италија. Во моментов Бритиш Еирвеис ги нема откажано летовите бидејќи министерот во Италија се уште го нема потпишано указот, туку само имаше објава на фејсбук, велат патниците.

Според досегашните податоци новата мутација на вирусот е 70% поинфективна од веќе постоечкиот но засега нема конкретен доказ дека е пос-мрт-оносен или дека предизвикува потешка инфекција.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека нема простор за па-ника и дека засега мутацијата нема да се одрази на ефективноста на вакцините.

За сега, како што знаеме по разговорите со европските експерти во кои е вклучен и институтот Роберт Кох, новата мутација на вирусот не влијае на вакцините и тие остануваат ефикасни што е многу, многу добра вест, вели Јенс Шпан.

Сериозноста на ситуацијата ги принуди амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денеска да одржат итен состанок во Брисел со цел да се утврди како ќе се постапува по оваа ситуација, пренесува Канал 5.

Во врска со најновите вести, на својот профил на социјалните мрежи се огласи Горан Кунгуловски, шеф на генетската лабораторија при клиниката Жан Митрев, каде се спроведуваат и тестирањата во оваа болница:

„Новата (новите) мутации во SARS-CoV-2 коронавирусот нити се неочекувани, нити треба да водат до паника. Како и секој вирус, така и SARS-CoV-2 кога се дели природно се појавуваат мутации, бидејќи процесот на делба е неперфектен.

Досега се детектирани илјадници мутации, но само мал број од нив значајно и функционално го променуваат вирусот. За разлика од инфлуенца вирусите, SARS-CoV-2 акумулира мутации далеку побавно.

Најчесто овие мутации за користат како индикатор (баркод, маркер) за следење на епидемиолошки особености, како на пример поврзаност и потекло на кластери и единки во кластерите.

Според прелиминарните извештаи, новиот сој во Велика Британија е дефиниран од 14 мутации и 3 делеции и изгледа како да води до зголемена преносливост на вирусот, но не и до негативно влијание на клиничката слика.

Најзначајните од нив се во spike генот: N501Y којашто е на позиција во рецептор-сврзувачкиот дел (RBD) кој директно обавува контакт со ACE2 рецепторот и веројатно го зголемува афинитетот кон него.

Делецијата 69-70del, нејзината улога не се знае. P681H мутацијата пак се наоѓа на furin-засечното место во spike коешто може да има улога во влезот на вирусот во клетките.

Не би да има влијание врз ефикасноста на вакцините на Фајзер и Модерна но останува да видиме. Убавината на овие РНК вакцини е што со истата технологија и ланец на производство и тестирање, теоретски може веднаш (или релативно брзо) да се направи вакцина за било кој нов сој што произлегува од мутации во Спајк протеинот.

Ова се прелиминарни податоци и потребни се додатни студии и секвенционирања. Не треба да се паничи, се гледа крајот на тунелот“, пишува Кунгуловски на својот профил на социјалните мрежи.