Home Вести Македонија Битолскиот професор Трајковски предупредува на февруари и март: Добро е, но не...

Битолскиот професор Трајковски предупредува на февруари и март: Добро е, но не е се уште завршено

Професорот по Механика, Дејан Трајковски од Битола, изминативе месеци неуморно статистички ги обработуваше официјалните податоци за ковид пандемијата кои беа лиферувани од Министерството за здравство, и врз основа на тие статистики, даваше и одредени прогнози, кои најчесто се остваруваа.

Тој сега не е толку активен, бидејќи последниот бран во Македонија, полека ја губи силата и има сè помалку позитивни случаи од тестираните, но професорот сношти апелираше дека сепак, не е сè завршено:

„11.01.2021. Паузите кај тестирањата предизвикуваат преголеми осцилации кај пресметаниот ефективен репродукционен број Rt (црвената линија на првиот дијаграм), но дури и вака се забележува дека надолниот тренд бил реверзиран некаде околу Нова година.

Иако Rt бележи благо зголемување, неговата средна вредност деновиве се уште е маргинално под единица (моментално околу 0,95), што значи дека сепак немаме забрзување и зголемување на дневните бројки, но никогаш не се знае. Продолжувањето на работното време на кафеаните сигурно ќе има негативно влијание, како и претстојната сезона на капљичните инфекции, во кои спаѓа и SARS Cov-2.

Имено, сезонскиот грип, кој се јавува од октомври до април, најчесто има врв во февруари и март (поретко завршува уште во декември), така што истиот образец на ширење можеби ќе го забележиме и кај Ковид-19.

Единствено ни дава надеж високата стапка на прележаност, поради што наредниот бран на Ковид-19, доколку истиот се појави, не би требало да биде толку силен како ноемврискиот.

Тоа би била добрата вест. Лошата, пак, е што болниците се се уште полни околу 50% во однос на максимумот (сината линија на четвртиот дијаграм), па доколку започне новиот бран многу бргу би се пополниле.

И така, ред добри, ред лоши вести. Наредната добра вест е што стапката на позитивни тестови континуирано се намалува (црвената линија на вториот дијаграм), а заедно со неа во намалувањето држи чекор и дневниот број на новодијагностицирани (сината линија на вториот дијаграм).

Засега не гледаме тенденција на зголемување на стапката на позитивни тестови, што секако е добар знак.

Вистинскиот, односно реалниот број на активни случаи многу бргу се намалува (зелената линија на третиот дијаграм, т.е. фазниот портрет I-T на активните наспроти вкупните случаи) и моментално изнесува само околу 6.484, што е далеку помалку од официјалниот број од 15.969 активни случаи.

Ова доцнење, рекордно од почетокот на епидемијата, најдобро се следи на дијаграмот на петтата слика.

Доколку не би се случило ново избувнување на епидемијата, во наредните два и пол месеци, вкупниот број на случаи не би требало да се искачи многу над 90.000.

Портокаловата линија на третиот дијаграм ја прикажува оваа проекција. Инаку, од оваа временска дистанца, на четвртиот дијаграм забележуваме каква драма во болниците се одвивала на пикот од епидемијата во средината на ноември, поточно околу 20 ноември (самиот ден на пикот на портокаловата линија на четвртиот дијаграм, ако судиме според реалниот број на активните случаи).

Убаво се гледа дека сината линија (бројот на хоспитализираните) се помалку можела да го следи темпото на раст на активните случаи – јазот меѓу портокаловата и сината линија се повеќе се раширувал.

Тоа беа деновите кога секојдневно, како никогаш порано, ја слушавме мантрата дека се е под контрола – а всушност се помалку беше.

Иако реалниот број на активни случаи започна да се намалува, бројот на хоспитализирани се зголемуваше поради прилагодувањето на капацитетите на клиниките за неврологија, кожни болести, ОРЛ и офталмологија за лекување на ковид пациенти, но никогаш не беше достигната стапката на хоспитализација како во понормалните времиња.

Дури откако реалниот број на активните случаи започна реско да се намалува, бројот на хоспитализираните започна да стагнира, а потоа и да се намалува. Дури сега, последниве две недели двете криви (портокаловата и сината) фатија нормален чекор, т.е. имаме нормална корелација како порано.

Да заклучиме, битката е далеку од завршена бидејќи се уште имаме голем број на хоспитализирани, а можеби ни претстои и февруарско-мартовскиот бран на епидемијата. Токму затоа, продолжувањето на работното време на кафеаните не е паметен чекор, без разлика што кафеанџиите (разбирливо, од нивна гледна точка) тоа постојано го бараат.“