Home Вести Дијаспора Влатко: Сите се селат на запад, а јас решив во Русија и...

Влатко: Сите се селат на запад, а јас решив во Русија и не погрешив – ќе ви кажам и зошто

Многумина сигурно ќе речат ако не ти чини врати се дома, никој не те тера да останеш таму и да мудруваш или да се жалиш за дома. Ама не е така како што си мислат, ние печалбарите не од ќеф, туку од потреба мора да заминеме.

Иако со ништо не придонесуваме за подобрување на состојбата во нашата земја, сепак тоа го правиме за наша добросостојба.

Сите се насочени кон заминување само на западот, се чувствуваат посигурни таму, слушале многу искуства и мислат дека само таму може да се печали лебот. Трошоци има секаде, но кога човек е вреден и знае да заштеди секаде може да заработи.

Голем дел од моите роднини и пријатели се заминати одамна по Италија, Германија, Швајцарија и слични земји, јас се одлучив да заминам во една многу поголема земја, во Русија. На почетокот сите беа скептични околу моето заминување и снаоѓање таму, ама јас не се отлажав и бев упорен во желбата да си обезбедам работа и стан во една не толку печалбарска земја.

За среќа си имав еден колега од факултет кој таму го продолжи студирањето и се вработи, па покрај него се заинтересирав за оваа земја и решив да заминам. Многу сум му благодарен затоа што навистина со искрено срце ми помогна околу сместувањето таму. По некое време си најдов работа. Иако не беше којзнае каква, сепак колку за живот си заработував.

Секој почеток е тежок, тоа сите го знаеме, но со тек на време се навикнав, поднаучив и јазик па сам можев да се снаоѓам да барам работа. По завршувањето на смената работев и во еден занаетчиски дуќан и дополнително заработував. Тоа што гo научив таму, занаетот, многу ми помогна по неколку години кога сам си почнав приватен бизнис за занаетчиство.

Ретко се враќав дома поради неможноста, но многу ми недостасуваа моите. Тие секојпат кога ќе се слушневме се жалеа на денот кога ми дошла таа идеја да заминам во далечна, студена земја. Мајка ми како и секој родител, знаеше само дека Русија е многу ладна земја и постојано ми велеше да се облекувам убаво за да не измрзнам.

Мене тоа не ми пречеше иако на почетокот имав проблем со промената на климата. Како што одминуваше времето се’ ми се намести како што очекував. Секој ден се заблагодарувам за се’ што створив и имам сам.

Фала му на Бога што си најдов и убава, вредна сопруга, па ете се оженив и добивме и дете. Таа е Русинка и единица, па се преселивме во нејзината родна куќа за да не плаќаме кирија. Таа е образована и работи како учителка. Многу убаво заработуваме и животот ми е нареден како што не би ни замислил.

Сите мислат дека западот ни нуди најмногу можности и не се осмелуваат да заминат наваму, но се дури не пробаат нема да знаат. Посебно младите луѓе, за нив може да има можности само ако се трудољубиви и не се откажуваат пред првата препрека.

Навистина, требаат пари дури да дојдеш дотука и да се снајдеш, ама после се’ може да биде полесно. Не е толку лошо како што изгледа. Е сега далеку е да, и немаме толку шанси да одиме кај моите, но нашата среќа ни е поважна од се’.

Можеби некогаш ќе можат моите да дојдат овде. Менталитетот на луѓето овде е поинаков откај нас, лично мене многу ми се допаѓа животот овде. Некако многу помирно се чувствувам, прилагоден сум на средината и секому би му ја препорачал за живеење и работа.

Не плаќаме толку високи даноци како во некои други земји и многу ми олесна тоа што се преселив и не давам плус пари за стан. Малку потешко се разбиравме со нејзините родители затоа што не знаеја друг јазик, но сега веќе сме навистина многу блиски и многу добро ме прифатија. Неколкупати бевме кај моите и тие ја запознаа сопругата и ме пофалија за изборот.

Досега го користевме нивниот семеен автомобил, но веќе сме на праг да си купиме сопствен. Покрај детето имаме малку повеќе трошоци но со силна волја се надевам дека се’ ќе постигнеме заеднички.

Обработи: С.С. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама