Home Вести Дијаспора Каде ли сме, колку ли сме – во Италија и Германија најмногу...

Каде ли сме, колку ли сме – во Италија и Германија најмногу Македонци

Со визната либерализација од пред неколку години, но и со вадењето бугарски државјанства, многу Македонци ја искористија можноста да заминат во земјите од ЕУ, каде можноста за заработувачка е далеку поголема од онаа во Македонија.

Оваа пандемиска година, придонесе многу Македонци кои имаат дипломи од медицинска струка, како што се лекари, медицински сестри, физиотерапевти, техничари, со многу поволности да за минат пред сè во Германија, која се соочи со недостаток на ваков кадар.

„Статистичките анализи покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2018 бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и ум-рени.

Но, не и кога станува збор балканските земји, во кои вкупната промена на населението постојано е означена со минус.

Евростат прави и една интересна прогноза. Доколку во ЕУ целосно би биле запрени миграциите однадвор, населението во периодот до 2080 година би се намалило на 408 милиони жители, значи, за околу 100 милиони помалку од бројот на жители што моментно живеат на подрачјето на Унијата.

Под такви претпоставки би се намалило населението во речиси сите земји-членки. Според најцрното сценарио, Германија, Италија и Грција би изгубиле над 35 проценти од своето население, а Бугарија и Хрватска околу 30 проценти.

Словенија околу 27 проценти. За Македонија, иако не се дадени такви прогнози, според општите демографски тенденции во регионот, тешко би можел да се очекува барем минимален зрак на некаква оптимистичка светлина.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот придонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели. Но, едновремено најтешкиот камен на сопнување, што во изминатите години континуирано ги заострува тензиите и разидувањата меѓу ЕУ-лидерите, се токму мигрантите, односно мигрантската криза.

Ова прашање во екот на пандемијата е привремено ставено на страна, иако не ќе може да остане и трајно одложено. Но, во основа, отпорот кон миграните во Источна Европа е засилен токму поради масовниот егзодус на населението од овие земји, кои, со евентуално отворање на просторот за мигранти од поинакви културни и религиозни средини, би го зголемиле ризикот од промена на традиционалната општествена структура, онака како што тоа обично се сфаќа во однос на историското наследство и неговата проекција низ несигурните перспективи на идниот развој“, пишува Ивица Челиковиќ во колумна за Либертас.

Поранешната потпретседателка на македонскиот Парламент, Фросина Ременски, на својот профил на социјалните мрежи, објави статистика според која може да се види поодделно по земји, каде се иселени Македонците.

„Според Светската банка (2010), бројот на македонски граѓани во прекуокеанските земји, европските држави и други земји изнесува 422 084.

Овој број се зголемува за плус 50 000, ако се пресметуваа бројот на македонски граѓани според официјалните статистички податоци на државите.

Најмногу македонски граѓани се иселиле во Италија (101.536), Германија (99.646), Австралија (93.571), Швајцарија (61.668), Турција (35.308), Србија (25.847) …

Ако овие податоци од 2010 година се гледаат низ призмата на миграционото салдо на државата, според кое повеќе граѓани се отселиле, отколку што се доселиле, тогаш оваа половинамилионска сума на исселени граѓани од РМ, е поголема за + 150.000“, пишува Ременски.