Home Вести Дијаспора Намален бројот на дестинации кон кои може да се одлета од скопскиот...

Намален бројот на дестинации кон кои може да се одлета од скопскиот аеродром – десетина линии се паузирани

Аеродромите ширум светот, но и во регионот пријавуваат големо намалување на летови и патници во изминатата година, а причината е добро позната.

Аеродромите, но и авиопроизводителите, беа приморани да отпуштат голем број вработени, бидејќи нарачките за нови авиони се намалени, а се откажуваат и веќе постоечките.

Оваа појава не ја одмина ниту нашата држава, поточно двата наши аеродроми, во Скопје и во Охрид кои беа затворени за сообраќај на патници речиси четири месеци, во временски период од средината на март 2020 година до 1. јули 2020 година.

Поради тоа голем број македонски иселеници од Европа и Светот одлучија да не си дојдат на одмор во својата татковина, но и многу деловни и служебни патувања беа откажани.

Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид“ поради целата ситуација минатата година ја завршија со 782 876 патници, за 71 отсто помалку во однос на 2019 година.

Во моментов од Меѓународниот Аеродром Скопје има 20 редовни авиолинии, до дестинациите: Белград, Загреб, Истанбул, Виена, Цирих, Киев, Берлин, Базел, Келн, Дортмунд, Ајндховен, Фридришахафен, Минхен (Меминген), Гетеборг, Хамбург, Малме , Франкфурт, Лондон, Брисел и Стокхолм.

Други дестинации, како на пример, Париз, Нирнберг, Баден-Баден, Турку, Копенхаген, беа функционални во одредени периоди, а сега се паузирани, сè додека авиокомпаниите повторно не ги отпочнат.

Од аеродромот во Скопје летаат авиокомпаниите: Туркиш ерлајнс, Виз ер, Аустриан ерлајнс, Ер Србија, Кроација ерлајнс, Виндроуз ерлајнс, Еделвајс и Чер ерлајнс.

Пред извесен период беше објавено дека најголемиот авиопревозник во Македонија, „Визер“ оваа зимска сезона дополнително ја намалува својата мрежа од базата во Скопје. Авиокомпанијата привремено ќе прекине уште седум линии.

Имено Визер објави дека нема да ги продолжи летовите кон Барселона, Бремен, Хановер, Ларанака, Сандефјорд, Скавста и Ваксјо до крајот на март 2021.

Кога сме кај аеродромот во Охрид, да кажеме дека согласно зимскиот распоред на летови сега има летови само до три дестинации – Базел, Дортмунд и Цирих, на кои летаат Визер и Чер ерлајнс.