Home Вести Македонија Денес замина доајенот на Македонската радио и телевизија – Бранка Станковска

Денес замина доајенот на Македонската радио и телевизија – Бранка Станковска

Денес, на 89 годишна возраст, замина од нас доајенот на Македонската Радио и Телевизија Бранка Станковска.

Таа беше првиот радио спикер и првиот тв спикер и водител, заедно со ненадминливиот Иван Антонов.

Нејзиниот баршунаст глас, неверојатна дикција и мелодика и културата во говорењето се незаменливи и децении подоцна.

Пред пет децении токму од Црн Врв е направен првиот директен пренос која таа го отвори.

Во Македонската радиотелевизија го поминала целиот работен век (1948-1987). Нејзината најава на првиот телелевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 г. е почеток на програмата на ТВ Скопје, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа.

Неколку месеци подоцна (на 14 декември) Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски „Весник“, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.

Беше една од најпознатите спикерки и водителки на малиот екран.

Нејзината врвна заложба беше да се негува и сочува македонскиот литературен јазик до совршенство. Таа едуцираше многу кадри новинари и спикери на МРТВ, токму со таа молба и желба која постојано ја повторуваше:

Негувајте го и чувајте си го македонскиот јазик!

Нека и е лесна земјата и вечно сеќавањето на неа.