Home Вести Македонија Мицкоски со коментар на изјавата на српската премиерка Брнабиќ

Мицкоски со коментар на изјавата на српската премиерка Брнабиќ

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во гостувањето на ТВ Хепи, во емисијата Добро утро Србија изјави дека нејзината земја има договор со македонскиот премиер Зоран Заев и со српскиот претседател Александар Вучиќ околу вакцините против ковид-19.

-Вучиќ одлучи да им помогнеме со 8.000 дози. Помагаме вакцините „Фајзер“ да се регистираат во Македонија, работиме со нив. Може да биде проблем што тие добија вакцини на „Фајзер“, но не се регистирани.

Не е поентата само да се купи вакцината. Има многу други работи кои пред тоа треба да се направат. Треба да се регистрира од страна на релевантна агенција, мора да постои план за имунизација на населението.

Ние сме една од ретките земји кои имаат адекватен информациски систем. Нашите граѓани знаат како треба да се пријават за вакцината, сè е транспарентно.

Слушав приказни од луѓе од други земји каде што кажуваат дека немаат претстава каде да се пријават, кои групи им се приоритетни, изјави Брнабиќ.

Оваа нејзина изјава, ја прокоментира опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски:

„Пред еден месец кога Бугарија соопшти дека ќе ни подари вакцини против корона, тоа го поздравив и прашав дали Владата има воопшто план? Денес го добивме одговорот декa нема.

Имено Премиерката на соседна Србија, Брнабиќ кажува дека и покрај тоа што одлучиле да помогнат со 8 илјади вакцини процесот е закочен зошто вакцината не е регистрирана и има отсуство на план за регистрација. Со други зборови, додека светот оди напред, нашата влада го губи времето, додека народот ум -ира на рати.

Толку се неспособни што дури и подарени вакцини не може да ги применат. Што правеа додека регионот планираше и бараше вакцини?“ – праша Мицкоски.

Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства Лирим Шабани за Слободен печат вели дека во Македонија не е регистрирана ниедна вакцина за ковид 19, затоа што се чека законски измени да бидат изгласани во Собранието.

До скоро, додава Шабани, вакцините за ковид 19 не биле регистрирани никаде во светот, туку тоа почнало да се прави постепено, со оглед на тоа што се работи за нови вакцини.

-Фајзеровата вакцина скоро е регистрирана во ЕМА. Кај нас секако ниедна вакцина не е регистрирана, ниту Фајзеровата ниту некоја друга за ковид 19. Но, ова е работа која многу брзо може да се направи.

Ни требаат само измени на законот и веднаш ќе ја регистрираме, цел капацитет на МАЛМЕД ќе го ставиме во функција на регистрацијата. Многу краток ќе биде тој процес, само нека ни испратат документација и цела агенција ќе се зафатиме да работиме на ова.

Фајзер нема пуштено апликација до МАЛМЕД. Законски, носител на одобрение мора да има претставништво во Македонија. Но, Фајзер нема претставништво во Македонија.

Затоа правиме измена на закон која е во собраниска процедура. Тоа чекаме да се изгласа и ќе можеме да ги регистрираме вакцините, изјавил Шабани.