Home Вести Дијаспора Во Германија сериозно се размислува за промена на едно правило за доселениците

Во Германија сериозно се размислува за промена на едно правило за доселениците

Веќе 15 години наназад статистичарите во Германија прашуваат за „мигрантско потекло”. Тоа е оној кој не е од раѓање Германец. Но, дури и ако само мајката или таткото не биле Германци од самото раѓање, важи дека имаш „доселеничка позадина”.

Секој четврти Германец денес спаѓа во таа категорија. Но, ако се водиме според „Стручната комисија способност за интеграција” тоа наскоро би требало да се промени.

Принтскрин Јутјуб

24 политичари и научници по налог на сојузната влада во комисијата две години дискутираа како Германија како доселеничко општество може да стане подобра. Вчера на канцеларката Ангела Меркел и’ го предадоа финалниот извештај збогатен со стотици препораки за тоа што треба да се преземе. Една од нив е укинување на поимот „мигрантско потекло”.

Принтскрин Јутјуб

Наместо тоа, во иднина треба да се користи терминологијата доселеници и нивните потомци, вели претседателката на комисијата, Дерија Чаглар.

„Во мојот случај тоа ќе значи дека јас веќе не сум мигрант, туку едноставно ќерка на мигранти”.Чаглар, која е пратеник од редовите на Социјалдемократите во Берлин, вели дека таа самата не била доселеник, туку е родена во Германија. А, моите деца, кои според сегашната дефиниција уште имаат миграциско потекло, тогаш би биле само Германци”.

Специјалниот пратеник на сојузната влада за интеграција, Анет Видман-Мауц од Демохристијаните, го поддржува таквиот предлог. Поимот „миграциско потекло” сега веќе опфаќа многу различни групи, а од тоа страда и самата суштина, вели Видман-Мауц.

„Дополнително на тоа: многу од тие 21 милиони лица не мислат дека тој поим ги отсликува нив”. Речиси секој трет со доселеничка позадина е фактички роден во Германија. Се чини како „никогаш да не припаѓаат 100% тука, како таа позадина секогаш да е во преден план”.

Во извештајот, на 240 страници се формулирани 14 клучни препораки. Се бара социјална политика за домување, поголемо постапување против расизам и криминал мотивиран од омраза, еднакви можности за образование и здравствена заштита.

Во доселеничка земја како Германија интеграцијата е „долгорочна задача која ги засега сите“, се вели во извештајот. За дел од препораките на комисијата потребна е „упорност и долгорочна стратегија“, вели Чаглар.

Кај други пак, “не треба да има толку многу прилагодување“. Германската канцеларка Ангела Меркел се заблагодари за „грандиозниот опус“ кој на политиката и’ „дава многу стручно знаење“.

„Од големиот бран доселување од 2013 до 2015/16 секако произлегоа купишта задачи пред нас каде што ќе мора да се работи доста на интеграцијата”, вели Меркел.

„Задачата – и тоа мора да се каже трезвено – во следните години нема да стане полесна, бидејќи со пандемијата западнавме во големи економски тензии”, додава таа. Кога една земја е во економски потешкотии, лицата кои во скоро време се доселиле, или оние кои имаат низок степен на квалификации, често се први на удар.

„Затоа”, вели Меркел, „во претстојните години ќе мора да ставиме силен акцент на темите интеграција и доселеништво за да не ни пропаднат постигнатите успеси”.

Извор: Дојче веле на македонски јазик