Home Живот Кирчо за синот: Го учам да стане човек, а тој се вљубил...

Кирчо за синот: Го учам да стане човек, а тој се вљубил во стоката

Секој родител го сака само најдоброто за своето дете. Нормално, секој си се простира колку што му е долга чергата, но се труди се’ што може да им приушти на своите деца.

Јас не можам да кажам дека сум богат човек, далеку од тоа, можеби поради тоа и останавме само со едно дете со сопругата. Си знаевме, кога нема доволно средства за да се израснат, нема ни да ги имаме.

Затоа си имаме еден убав, строен син којшто е многу вреден и трудољубив. За него мислам дека целиот свет би го дал. Сепак, единствено што можевме да му дадеме е покрив над глава и храна и секако, многу, многу работа. По професија сме сточари.

Тоа ми е останато од татко ми и се’ уште се занимаваме со тоа. Имам стотина овци, кози, говеда и тие ни се единствен извор на приход. Садиме и по нешто на нива, но тоа што го добиваме е повеќе за нас, не за продажба.

Има доста работа, но не можам да се пожалам. Секогаш имаме органска, домашно произведена храна како месо, млеко, сирење, кашкавал. Сопругата е веќе експерт за тие работи, најмногу таа се занимава со тоа и ги прави за мерак.

Изработуваме доста производи па после ги продаваме. Имаме постојани муштерии, но секоја недела носиме и на пазар. Живееме сами во куќата и целата работа ни останува нам.

Никогаш немам работено ништо друго освен ова. Така и детето си го израснавме иако нормално дека сакам да му пружам поубав живот. Тој почна да ни помага уште од мали нозе.

Мислам дека имаше 4 години кога почна да доаѓа со мене кога ги носев животните на пасење, сакаше да гледа и како се молзи млекото, разви голема љубов спрема животните и многу се грижеше за нив.

Мене не ми беше тоа целта, како единствено дете не сакав да се мачи како нас. Сакав да живеам многу скромен живот за да заработам и му овозможам да отиде во градот и да се школува.

Цело време го учевме дека е убава оваа работа, но и таа си има негативни страни. Зошто да се мачи цел живот и да си ги валка рацете кога може да се потруди да постигне нешто во животот и да има поубава работа. Арно ама, никакво фајде немаше од нашите зборови. Не можам никако да го натерам да учи.

А еве сега ќе заврши средно училиште. Не дека не е паметен, може тој да учи, но толку многу е занесен по добитокот што ништо друго не сака. Буквално го молам, ќе му извадам и кредит само за да замине и да живее во градот. До лани цело време патуваше до училиштето, но сакам животот таму да го почне.

Во селото нема ништо, не може ни да напредува, а ќе дојде ден кога ќе му недостасуваат пари и ќе мора да се вработи во некоја фабрика. Ќе мора сам да ја реновира куќата ако сака да се ожени, не знам веќе што да го советувам. Тој си ставил во глава дека е навикнат со животните, тоа е негова професија и ќе си ја работел до крај на животот.

Обожава да оди со овците, дури некои денови намерно не оди на училиште и оди сам со нив за да не ме мачи мене. Не сфаќа дека има и друга предност, вујко му, братот на мојата сопруга, живее и работи во државна институција и му нуди буквално да му најде работа ако не му се учи или пак ако одлучи да заврши факултет ете да му помогне, да му најде убава работа.

Не сфаќа дека е важно да имаш влијателен човек, не ме интересира мене што ќе кажат луѓето, ако тој се труди да постигне нешто, јас би ја прифатил помошта. Ми вели дека немало потреба да го убедувам, тој си знаел како ќе го живее животот.

Не помогна ни тоа што му реков дека ќе избегаат девојчињата од селото и ќе нема со која са се ожени, денес ретко кој сака овчар за сопруг.

Овој па паметен, ми одврати дека не било важно со што се занимава, ако некој го цени и сака нема да ја гледа неговата професија. Знам дека ќе се кае еден ден кога ќе види дека неговите другари или се извлекле во странство или работат убава работа.

Макар што кај нас и убавата работа е дискутабилна. Секогаш нешто ќе недостасува. Се надевам само дека следниве неколку месеци ќе размисли и ќе одлучи да го прифати предлогот, јас се’ би направил за него само за да не се мачи и да види бел свет.

Обработи: С.С. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама