Home Вести Македонија Ништо не е готово, додека навистина не е готово – Проф. Трајковски...

Ништо не е готово, додека навистина не е готово – Проф. Трајковски објаснува зошто

Професорот по Механика, Дејан Трајковски од Битола, покрај неколкуте доктори кои придонесоа во насока на информирање на граѓаните за актуелната пандемија, го вложи своето знаење од областа на статистиката, исто така во насока на информирање на граѓаните.

Тој со помош на математички операции, ги обработува офоцијалните податоци од Министерството за здравство, а поврзани со дневните случаи на ковид и успева да даде прилично точни прогнози за текот на пандемијата.

„21.01.2021. Изгледа дека новогодишно-божикниот мини-пик поминал, без поголема штета. Ова убаво се гледа на споредбениот дијаграм за просечните дневни броеви на нови случаи во Македонија (темната линија) и Австрија (линијата со ќерамидна боја) на првиот дијаграм.

Логично, поради разликата во календарот и католичкиот Божик, австрискиот мини-пик дошол малку порано пред македонскиот.

Сепак, има голема разлика во реакцијата на здравствените власти во Австрија и тука. Австрискиот министер за здравство на денешната конференција за печатот рекол дека англиската мутација на вирусот B.1.1.7 „донесува нова фаза на пандемијата“.

На австриските граѓани им порачал да бидат особено внимателни во следните два месеци бидејќи „најтешката фаза на пандемијата ќе биде во февруари и март“. Додава дека „би било потполно погрешно, врз основа на повторно намалените бројки, да се западне во состојба на лажна сигурност“.

Дотолку повеќе, како што кажа, бидејќи „британската мутација на корона вирусот наскоро ќе се рашири низ цела Европа“.

Кај нас, пак, им се порачува на граѓаните дека епидемијата веќе поминува и дека е време за отворање на кафеаните со полн капацитет и полно работно време. Да се провеселиме сега, а ќе му ја мислиме отпосле. Кога така размислуваат здравствените власти, како може да размислува обичниот, воглавно неинформиран граѓанин?

Можно е денешното продолжување на работното време на кафеаните да претставува и признавање на немоќ, знаејќи дека нашиот народ нема баш многу развиено чувство за почитување закони.

Ако во Италија кафанџиите ги отвораат кафеаните „на диво“, веројатно и нашите се спремни на истото. Резонирањето им е исто – земи ги парите сега и тука, а потоа некој друг нека му ја мисли“, напиша завчера проф. Трајковски.

Вчера пак, предупред и на можен четврти бран, што секако не е нешто кое сигурно ќе се случи:

„22.01.2021. На прв поглед, фазниот портрет I-T (реално активни наспроти вкупно случаи, зелената линија на првиот дијаграм) напредува правилно во насока на намалување на бројот на активните случаи, при минимален раст на бројот на вкупните случаи.

Додуша, до Нова година тоа намалување беше толку стрмо, што изгледаше дека епидемијата ќе згасне со помалку од вкупно 100.000 случаи. Последниве денови повеќе не изгледа дека крајот е толку близу, а 100.000 случаи веројатно ќе надминеме.

Да се потсетиме, крајот на епидемијата ќе дојде кога зелената линија ќе слезе до нула, а она место каде што ќе ја допре хоризонталната оска ќе биде вкупниот број на случаи за време на целата епидемија.

Ајде сега да фрлиме еден поинаков поглед на целата ситуација. Истиот фазен портрет I-T ќе го прикажеме во двојни логаритамски координати, на вториот дијаграм.

Посакуваното сценарио (А) е во насока на црвената стрелка, односно со намалување на бројот на активните случаи до нула. Но, што ако епидемијата не го кажала последниот збор, туку ова е само дол на крајот од третиот бран, пред почетокот на наредниот бран, во насока на сината стрелка (B)?

Епидемијата два пати се пробала надолу, но се одбивала од светловиолетовата линија на трендот и започнувала нов бран нагоре. Дали ова сценарио може да се повтори?

Зелената линија како да покажува знаци на умор од спуштањето и полека започнува да се заоблува, а британскиот сој на вирусот можеби е веќе влезен во земјава и веќе тивко се шири.

Во наредните денови ќе набљудуваме дали зелената линија ќе ја пробие виолетовата линија на трендот и ќе продолжи кон А. Ако ова не се случи, туку се одбие нагоре, тоа би значело почеток на четвртиот бран во Македонија.

Ништо не е готово додека навистина не е готово, а вакцините се толку далеку…