Home Живот Жаклина: Јас сум крива што останавме без кров над глава

Жаклина: Јас сум крива што останавме без кров над глава

Секојдневно сме соочени со носење одлуки, некои мали некои големи. Некои се клучни за нашиот живот и иднината, а некои се банални како на пример купување на облека или предмети.

Растеме донесувајќи одлуки од животно значење, избираме школување, професија, брачен партнер, пријатели и многу други работи. Како и сите други и јас донесував и добри и лоши одлуки, но заради една најмногу се каам.

Имам 55 години и мислам дека ништо друго не било поважно од ова. Но, овој памет не ми е ист како паметот пред 20-30 години. Можеби начинот на живот најмногу придонесе да го направиме тоа.

Кога се зедовме млади, првин живеевме заедно со родителите на сопругот, но искрснаа проблеми и моравме да се преселиме во стан под кирија. Имавме надеж дека некогаш ќе успееме да заштедиме за да си купиме своја куќа или барем стан. Ако ништо друго барем со кредит да си овозможиме некое наследство.

Свекорот ни вети дека едниот спрат од куќата ќе го оставел на некој од внуците, но ние сакавме сами да си купиме. Вредно работевме но сакавме и полуксузно да живееме.

Арно ама не ни се исполни желбата. Ние сме си такви луѓе што повеќе сакаме да си уживаме во животот денес, отколку да мислиме за утре. Колку и да се трудевме да заштедиме пари за нешто големо, на крај ги дававме за друго. И тоа се’ по моја вина, многу се каам за тоа.

Работиме двајцата во државна институција и секое слободно време го користевме за прошетки на страна, зимување, летување, ручеци, хотели.. буквално преубав живот, не можам да се пожалам, но се’ тоа е моментално и сега освен спомени немаме никаква корист. Дури бевме сами се јадеше некако, само кирија, сметки и прошетки, а сега сме со две деца и едвај врзуваме крај со крај.

Земаме кредити дури да исплатиме кирија затоа што се преселивме во поголем стан, купуваме храна, имаме големи трошоци за децата за училиште и излегувања и за нас ретко останува. Ех кога ми велеше сопругот, ајде да земеме поголем кредит барем свој дом да имаме, да оставиме нешто на овие деца да не живеат под туѓ кров цело време.

Ама јас не давав, му велев ајде бе, ќерка ти ќе се омажи, синот ќе оди кај твоите да живее во куќата, нема зима за нас…тоа беше мојот младешки ум. Тогаш децата уште беа мали, сега кога пораснаа се свестив дека е многу важно нешто да им оставиш на децата, да имаат од родителите за спомен.

Убаво беше кога ги шетавме и уште се шетаме кога можеме, но тогаш главна причина ми беше летувањето по скапи хотели, живеењето во луксуз за да не земеме кредит за стан. Приоритет ми беше купувањето украси за домот, скапа и квалитетна облека за сите нас и само прошетки.

Сакав целото можно време да го искористиме за наше задоволство, за да ги усреќиме децата и сега сфаќам дека тоа ми била голема грешка. Не го слушав ни сопругот кога ми зборуваше дека треба да намалиме малку со трошењето пари. Јас само си бев сигурна дека имаме постојано пари во нас, плата ни иде, кредитче за трошење и не се замарав дали ќе имам во иднина.

Еве еден совет и поука за сите други коишто сакаат да го минуваат животот од денес за утре. За да не се каете подоцна подобро оставајте си некоја пара секогаш кога ќе можете и совесно раководете со парите.

Денес се туфкаме, се мислиме дали да земаме нов кредит иако имаме веќе неисплатени. Нема назад и не знам дали вреди сега да ги задолжуваме децата во иднина да исплаќаат стан или куќа. Можеби тие ќе ни олеснат, ќе заминат да студираат или работат во странство па таму ќе живеат.

Барем тие да можат сами да си заработат за свој имот, ние многу лош пример им оставивме. Не се живее цел живот под кирија, друго е кога ќе си имаш свој покрив над глава и нема да имаш плус трошоци.

Обработи: С.С. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама