Home Вести Македонија Заев се изјасни околу одлуката на ЛДП за самостоен настап во Парламентот

Заев се изјасни околу одлуката на ЛДП за самостоен настап во Парламентот

Одлуката на ЛДП да ги одвои своите двајца пратеници од пратеничката група на СДСМ и да дејствуваат самостојно во Собранието е легитимна, но моментот за таквата објава не е соодветен, пред сѐ поради тврдењата на опозицијата дека власта нема стабилно парламентарно мнозинство, смета премиерот Зоран Заев.

„Мислам дека одлуката е донесена во текот на формирањето на владината коалиција, ние сме традиционално парламентарна коалиција, и постојано чекаат кога е соодветен момент за да може да имаат самостоен настап.

Одговорот е за да имаат поголема видливост затоа што помалите партии наводно биле претопени во големите партии и јас го разбирам тоа, тоа е право на секој пратеник од коалицијата.

Ама дека не е соодветно времето сега, не е соодветно времето. Во вакви околности, кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно, ваквиот исчекор од страна на ЛДП апсолутно е испраќање јасна порака која е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап“, истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Таквата одлука на ЛПД, нагласува тој, дава причини новинарите и медиумите, како и народот да се запрашаат – колку и која е вистината за тоа парламентарното мнозинство, рече меѓудругото Заев.