Home Вести Дијаспора Данска е една од првите земји која подготвува дигитален пасош за имунизација

Данска е една од првите земји која подготвува дигитален пасош за имунизација

Состојбата со пандемијата во Европа, како да се стишува. Слично е и кај нас. Сепак, сега големи дилеми на здравствените власти им предизвикува новиот, британски сој од вирусот, кој се стреми да стане доминантен.

Карактеристично за него е што се пренесува многу полесно за разлика од стариот, но добрата вест е тоа што фармацевтските компании објавија дека нивните вакцини ќе штитат и од новиот сој.

Во Данска е регистриран пораст на случаите на корона вирус кои ја содржат поинтензивната британска варијанта, и покрај падот на вкупниот број случаи, објавија денеска данските здравствени власти.

Данска воведе строги мерки за „заклучување“ во средината на декември во обид да го спречи зголемувањето на бројот на заразени, а особено ширењето на позаразната варијанта, која се очекува да биде доминантна до средината на февруари.

Од средината на ноември, во Данска се регистрирани 1.116 инфекции со новата британска варијанта.

Во четвртата недела од јануари, 16,5 проценти од сите позитивни на коронавирус имале мутирана варијанта, во споредба со првата недела од јануари кога бројот бил само четири проценти.

Во Данска, сепак, паѓа вкупниот број новозаразени, така што во споредба со неколку илјади заразени дневно во декември, во последните 24 часа се регистрирани само 425 случаи.

Данска ублажи некои ограничувања во понеделникот, отворајќи ги училиштата за најмалите ученици.

Во средата, данската Влада соопшти дека ги здружува силите со бизнисите за да развијат дигитален пасош што ќе покажува дали луѓето се вакцинирани против корона вирус, што би им дозволило да патуваат, а воедно ќе помогне да се намалат ограничувањата во јавниот живот.

Во блиска иднина, граѓаните на Данска ќе добијат официјален документ со кој се докажува дека се вакцинирани против Ковид-19.

Министерот за финансии Мортен Боедсков на прес-конференција рече дека „за три или четири месеци, дигиталниот пасош за коронавирус ќе биде подготвен за употреба, на пример, за службени патувања“.

– За нас е исклучително важно да можеме да го рестартираме данското општество за компаниите да можат да се вратат во колосек. Многу дански компании се глобални компании, целиот свет е нивен пазар, додаде тој.

Како прв чекор, пред крајот на февруари, данските граѓани ќе можат да видат на данската здравствена веб-страница официјалната потврда дали се вакцинирани.

„Ова е дополнителен пасош што можете да го имате на вашиот мобилен телефон со кој се документира дека сте вакцинирани. Можеме да бидеме меѓу првите во светот што го имаме и можеме да му го покажеме на остатокот од светот“, пренесува А1он.