Home Вести Дијаспора Германија се затвора кон дел од соседите – и покрај шенген, привремено...

Германија се затвора кон дел од соседите – и покрај шенген, привремено ќе се спуштат рампите

Германската канцеларка Ангела Меркел се појави на јавниот ТВ канал АРД за да го појасни курсот на владата во пандемијата на коронавирус. Рече дека е свесна за несигурноста кај граѓаните и апелираше да имаат трпение, пренесува Дојче Веле.

Канцеларката настапи пред ТВ камерите само 24 часа по т.н. самит за вакцинацијата во владиниот кабинет во Берлин, на кој учествуваа најважните претставници на политиката, науката и фармацијата.

Тие констатираа дека бавното темпо на вакцинирањето против коронавирус нема скоро да се забрза, производителите не можат да лиферуваат повеќе вакцини или се врзани со договори за други држави.

Пораката беше отрезнувачка, па затоа објаснувањето за ненајавеното интервју на Меркелсиноќа е едноставно: канцеларката во овие денови мора да повикува на стрпливост кај граѓаните или барем да прикаже присутност. Зашто, она што германската политика го презема во поглед на пандемијата, многу луѓе ги остава целосно збунети.

Зошто на пример вакцинацијата во Израел, Велика Британија и во САД напредува со толку поголемо темпо отколку во ЕУ и во Германија?

Меркел вели дека за вакцината на АстраЗенека во Велика Британија е издадена итна дозвола, но во Еропа е извршена нејзина темелна проверка, стандардна за вакви случаи: „Тоа не беше грешка, ние мора да запазуваме доверба“.

Тоа пречесто се слуша од страна на владата. Но, зошто ЕУ беше значително побавна и очигледно со фармацевтските фирми лани испреговарала недоволно обврзувачки договори, Меркел и синоќа не даде одговор.

За ситуацијата во Германија –канцеларката не може да достави јасен план за вакцинација во следните месеци, колку брзо или бавно ќе се врши имунизирање на луѓето.

Производителите истакнале дека продукцијата на вакцини се врши со полна пареа, а за точните количини не можат да дадат долгорочно цврсти ветувања. Меркел додаде. „Патем, ако пред една година, кога се појавија првите случаи кај нас, би ме прашале кога ќе имаме вакцина, не би прогнозирала дека ќе ја добиеме толку брзо!”

Драстичните ограничувања кои моментно се воведени во Германија, забрана за контакти, затворените ресторани, кина и училишта, во меѓувреме ги исцрпуваат луѓето.

Некои набљудувачи сметаат дека рестрикциите може да бидат продолжени до април. Меркел во секој случај не објави поинаква, попозитивна порака:

„Отворање за 14 дена, по што повторно би се нашле соочени со експоненцијален пораст, не би било решение“. Притоа, намалувањето на бројот на нови инфекции покажува дека мерките дејствуваат. „Тоа е добар успех, но уште немаме контрола над коронавирусот преку заводите за јавно здравје“, истакна канцеларката.

Германската влада вечерва одлучи привремено да ги врати граничните контроли на својата југоисточна граница кон Чешка и делови од Австрија, прогласувајќи ги соседните држави за „мутациски региони“.

Од недела на полноќ граѓаните на Чешка и од делови на Австрија во Германија ќе можат да влегуваат само со негативен ПЦР тест за коронавирус.

„Покраините Баварија и Саксонија побараа од владата да ги прогласи Тирол (во Австрија, н.з.) и пограничниот регион на Чешка за региони со вирусна мутација, и да се воведат гранични контроли“, соопшти министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.

Германија и досега имаше строги ограничувања за влез во земјата на патници од ткн. тешко погодени региони од пандемијата. Дозволен е влез само на германски државјани или лица со право на престој и на неопходни професии како лекари.

Во последниве денови, бројот на новозаразени од корона вирусот се намалува, но во владата постои голем страв од новите мутации на вирусот. Загриженоста е особена голема од јужноафриканската мутација која е присутна во Тирол и од британската варијанта која драматично се шири во Чешка.

Во средата, владата и покраините се договорија да го продолжат локдаунот во Германија до 7 март. Стапката на новозаразени на 100.000 жители на неделно ниво, во меѓувреме падна на 64 лица, но владата сака да ја спушти до 35 пред повторно да дозволи олеснувања во јавниот живот.