Home Вести Дијаспора Германците се одлучни во воведување ред и почитување на мерките

Германците се одлучни во воведување ред и почитување на мерките

Повеќе германски покраини предвидуваат построги мерки за тврдокорните прекршители на карантин – „принуден карантин во специјални установи”. Тие би засегнале мал број лица, но би биле симболична порака за јавноста, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.

Принтскрин Јутјуб

Дванесетте метри квадратни не изгледаат воопшто привлечно. Мал кревет, малечка масичка, прозорец со решетки. Ова е „ултима рацио“ на покраината Шлезвиг Холштајн, далеку на северот на Германија, за сите оние кои неколкупати ги прекршиле корона мерките.

Од почетокот на февруари судија може да нареди ваквите тврдокорни прекршители на карантинските мерки да бидат сместени во специјално одделение во рамки на затворот за малолетни деликвенти Молтфелде во близина на градот Нојминстер.

Ултима рацио или последното соодветно средство – така го опишува објектот Сонке Шулц, раководител на покраинскиот совет, на прес конференција. Одговорните исто така се потпираат на тоа дека стр ашн ите слики кои ќе ги пренесат медиумите ќе имаат „педагошки ефект“ во јавноста, нагласува Јан Петер Шредер.

„Не можеме да знаеме кога би го имале првиот ваков специфичен случај, но се надеваме дека нема да имаме многу работа на овој план,“ објаснува Шулц.

Во секој случај ова би било крајна мерка. Претходно треба да се докаже дека се сторени неколку прекршувања на карантинските мерки. Потоа следат таканаречени предупредувачки разговори во полиција при кои на лицата им се предочува дека може да следи ваква најстрога казна.

Ако лицето повторно го прекрши карантинот, случајот се предава на суд каде судијата мора да нареди испраќање во принуден карантин во квази затворската просторија. Реално, не останува многу време кое едно лице може да го помине во овие 12 квадрати, односно сѐ до истекот на законски пропишаниот карантин.

Ако едно лице во Германија заболи од Ковид-19 или имало близок контакт со заразено лице, тогаш здравствените власти одредуваат 14- дневен домашен карантин. Тоа значи дека лицето има забрана за излегување од дома – и за пазарање. Карантинот може да се скрати на десет дена ако се достави негативен корона-тест.

Принтскрин Јутјуб

Дури и ако принудното сместување трае само неколку дена, тоа е сериозна повреда на човековите права на едно лице. Правна основа за ваквите мерки има во Законот за заштита од инфекции (ИФСГ).

Па сепак, иако ваков принуден карантин е правно издржан, плановите на Шлезвиг Холштајн и други покраини предизвикаа критики. Министерот за внатрешни работи на Баден Виртемберг, Томас Штробл уште во ноември најави дека сака да ги „изолира“ прекршувачите на карантин.

„Се работи за тоа дека сакаме да ја заштитиме пошироката јавност од оние кои намерно прифаќаат да заразат луѓе со потенцијално см рто носна болест,“ рече тој во интервју за магазинот „Шпигел“. „Државата не смее да стои беспомошно на страна. Со тоа би се загрозило прифаќањето и почитувањето на мерките од страна на населението.“

Најавата која во меѓувреме доби и конкретни форми, на крајот на годината беше предмет на критики. Портпаролот за внатрешна политика на пратеничката група на ФДП, Констанин Фуле, го одбива ваквиот предлог. Постојното мафтање со непропорционални мерки ја поткопува довербата на луѓето во толку потребната борба против пандемијата, смета тој.

Покрај Шлезвиг Холштајн и Баден Виртемберг, и Бранденбург и Саксонија имаат намера да отворат вакви места за „принуден карантин“. Критика пристига од редовите на Левицата.

„Не ни се потребни дополнитени принудни мерки и репресија, туку вложување во заштита и подобро информирање: заштита со делење бесплатни медицински маски за сите, заштита преку брза вакцинација, заштита на работно место преку задолжителна регулатива и поголеми контроли, особено онаму каде што не може да се работи од дома и онаму каде што се работи за ниски примања,“ вели за ДВ Аким Кеслер, портпарол за здравствена политика на пратеничката група на Левицата во Бундестагот.

Веројатно само малку лица ќе бидат де факто погодени од мерката. Тоа го покажува и примерот со покраината Хесен. Тука минатата година имаше опција лицата кои упорно го прекршуваат карантинот да бидат сместени во еден кат од хотел во Франкфурт.

Но, таквата понуда беше укината заради немање потреба, како што соопшти Министерството за социјални работи на прашање на ДВ. Во Бремен имало случај кога едно лице повеќе пати ги прекршило мерките за карантин, изјави портпаролот на сенаторот за внатрешни работи за ДВ. Во соопштението се вели:

„Во клиниката во источниот дел од Бремен од тие причини зедовме под наем празно одделение, па лицето беше сместено таму, во склад со соодветните закони. Ресорната здравствена служба пријави таква потреба кај ресорната служба за ред и поредок која пак обезбеди налог од судија”.

Специјално сместувалиште како во Шлезвиг Холштајн не е планирано. Иако само мал број лица толку упорно ги прекршуваат мерките за карантин што станува нужно принудно сместување, тешко може да се каже колку е реално голем проблемот со кршењето на мерките за карантин општо погледнато.

Целиот текст прочитајте го на Дојче Веле