Home Вести Дијаспора Како се спроведуваат новите мерки за влез во Германија, а како во...

Како се спроведуваат новите мерки за влез во Германија, а како во Америка

Од пред десетина денови, поточно од 24.01.2021, луѓето кои во Германија доаѓаат од т.н. подрачја со висока инциденција, треба да се тестираат на корона вирус уште пред влегување во земјата. Негативниот резултат на тестот не смее да е постар од 48 часа.

Потоа важи обврска за карантин од десет дена, со исклучок на лицата кои ќе направат и втор тест со негативен резултат, за кои времето во карантин ќе се крати на половина.

Новата група опфаќа повеќе од 20 држави со значително повисоки бројки на инфекција отколку Германија, меѓу кои Чешка, Шпанија, Португалија и Египет, како и САД и Израел.

Тука се и речиси сите земји од Балканот, меѓу нив и Северна Македонија. Како вредност која се смета се референтна е 200 инфекции на 100.000 жители во период од седум дена, пренесе Дојче Веле.

Вчера порталот Експрес, информира како се спроведуваат во реалност новите мерки. Полицијата ги засили контролите врз патниците што пристигнуваат на аеродромот во германскиот град Меминген, посебно од земјите со висок ризик од корона, меѓу кои и Македонија.

„На пример, патниците што слетуваат од Скопје или од Белград ги водат во шатор. Секој што ќе покаже негативен тест за корона не постар од 48 часа продолжува со пасошката контрола и со подигнување на багажот.

Потоа следува обврска за десетдневен карантин, кој може да заврши предвреме ако најрано по пет дена се направи нов тест за Ковид-19 и тој биде негативен.

Секој што не може да покаже официјален доказ дека не е заразен со корона вирус при пристигнување од област со висок ризик ќе биде вратен со авионот со кој пристигнал.

Ова сè уште не се случило на аеродромот ‘Алгој’, но може да се случи во секое време“, за „Аугсбургер алгемајне“ објасни Холгер Штабик, портпарол на полицијата на Југозападна Швабија.

Од Скопје до Меминген, оддалечен 110 километри од Минхен, лета „Визер“ секој понеделник и петок.

Од друга страна пак, иако од 26 Јануари важат исти мерки за негативен ПЦР тест, пристигнувањето во Соединетите американски држави, според кажување на македонци кои деновиве патуваа, е значајно порелаксирано.

-Во четвртокот патувавме од Скопје, преку Белград за Њујорк. Тест правевме во вторникот. Тестот ни беше побаран на скопскиот и на белградскиот аеродром.

Во Белград пополнувавме и формулари во кои опишувавме дали имаме антитела, односно дали сме го прележале вирусот, или патуваме со негативен тест, како во нашиот случај.

Очекувавме во Њујорк процедурата да биде уште посложена, но на наше изненадување, на аеродромот ЈФК, сите формалности, заедно со земањето на куферите ги завршивме за петнасеттина минути.

Имено, веднаш по слетувањето не сликаа и веднаш на царинскиот службеник му се појавија сите наши податоци, бидејќи сме американски резиденти.

Претпоставувам дека тој виде потврда и од нашиот негативен тест, а и логично е да имаме негативен тест, бидејќи без тоа, или доказ дека поседуваш антитела, не можеш да се качиш во авион на пат кон Америка, вели наша редовна читателка која пред неколку денови отпатува за Соединетите американски држави.

По пристигнувањето, во САД важат слични правила како во Германија. Периодот на изолација е десет денови (дозволено е одење во набавка на основни намирници и лекови), а тој се скратува на седум, доколку после вториот или третиот ден се направи контролен тест и се добие негативен резултат.