Home Вести Македонија Васко Ефтов со предлог за нов лидер на ВМРО, кој би бил...

Васко Ефтов со предлог за нов лидер на ВМРО, кој би бил 24 часа на функцијата: Ивица, имате таков човек со искуство

Синоќа во емисијата „Во Центар“, кај Васко Ефтов, гостуваше Ивица Коневски, член на Иницијативниот одбор за Вонреден Конгрес во партијата.

Васко Ефтов го пречека Коневски со зборовите здраво комшија, алудирајќи на коментарите на социјалните мрежи дека Ивица Коневски поседува повеќе станува во општина Аеродром, чиј Градоначалник беше во два мандати.

Ефтов отворено го праша Ивица Коневски колку станови има во Аеродром, на што овој одговори дека поседува само еден стан, оној во кој што со семејството живее. Коневски дополни дека ваквите муабети му ги пуштаат политичките противници во рамки на неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Загубив со преку 3 илјади гласа од мојот противкандидат, но Мицкоски како предводник на листата на Град Скопје, загуби со 80 илјади гласа. Сепак, не можам да кажам дека е тој виновен, бидејќи таа 2017 година расположението беше такво, против нашата партија, за што во многу придонесоа и настаните од 27 Април, поради кои ВМРО претрпе сериозен пад на рејтингот.

Според зборовите на Коневски, на Вонредниот Конгрес кој планираат да го организираат, ќе има повеќе од две третини од делегатите кои ќе му изгласаат недоверба на Мицкоски.

Односно, на овој Конгрес, според неговото мислење, ќе има повеќе делегати кои ќе му изгласаат недоверба отколку што имаше делегати кои гласаа за неговиот избор на Конгресот во Валандово на кој тој беше избран за претседател.

Ефтов го потсети Коневски дека раководството на партијата смета оти нивната активност ќе биде приватна забава, бидејќи мандатот на делегатите кои даваат поддршка на таканаречената „Мериот“ коалиција е истечен.

-Мицкоски се повикува на конгресот во Куманово, кој беше беше во 2015 година и тоа е последниот конгрес на кој за претседател на партијата беше реизбран Никола Груевски. Сакам да потенцирам дека нови делегати се бираат за секој следен редовен конгрес, бидејќи нивниот мандат е 4 години.

Конгресот во Валандово во 2017 година, исто така беше редовен и на него беа речиси истите делегати од 2015, со мали измени. Но нивниот мандат беше утвредн како нов, рече Коневски. На тој конгрес за претседател на партијата беше избран Мицкоски.

Мандатот на делегатите од овој конгрес ќе истече на крајот од оваа година, така што тие во март, на вонредниот конгрес ќе бидат со полн легитимитет, рече Ивица Коневски, кој беше прилично сигурен дека две третини од тие делегати ќе им дадат поддршка на иницијаторите за вонреден конгрес.

-Делегати се поранешни градоначалници и пратеници, сериозни луѓе кои во минатото донесоа многу победи за ВМРО-ДПМНЕ, а кои во моментов се во немилост на актуелното раководство и се тргнати на страна. Поради тоа сме убедени дека ќе ја имаме нивната поддршка, рече Коневски.

Новинарот Ефтов забележа, дека многу истакнати членови, кои во минатото давале поддршка на иницијативниот одбор, сега како да се повлечени.

Го спомена Никола Попоски, поранешниот Министер за надворешни работи, кој неодамна во јавноста се произнесе дека би учествувал во трка за нов лидер, само доколку сите членови на партијата би имале право на глас. Инаку Никола Поповски се споменуваше како можен кандидат на противниците на Мицкоски за нов лидер.

Коневски одговори дека статутот на партијата во моментов не дозволува да гласаат сите членови и дека поради тоа тие размислуваат за колективно раководство кое би го променило статустот и би овозможило секој член да има глас.

На ова Васко Ефтов му даде предлог на Ивица Коневски, да го постават за лидер на партијата поранешниот Министер за внатрешни работи и заменик во МВР, Оливер Андонов.

-Вие Ивица имате член со искуство, кој бил функционер само 24 часа (Министер во МВР). Зошто не го поставите Андонов 24 часа да биде лидер на партијата, да го смени статутот и потоа членовите на партијата да изберат нов лидер? – во шега праша новинарот Васко Ефтов.

Од останатите поенти на Коневски, може да се издвои неговото исклучително негативно мислење за потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, како и поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

Емисијата можете да ја погледнете ТУКА