Home Вести Дијаспора Вчера слетале 26, денес се очекуваат уште 19 авиони: Дијаспората од Швајцарија...

Вчера слетале 26, денес се очекуваат уште 19 авиони: Дијаспората од Швајцарија и Германија се враќа на Косово за изборите

Косовските граѓани со право на глас, денес ќе можат да гласаат на вонредните парламентарни избори, додека изборниот молк за политичките субјекти кои се натпреваруваат на овие избори почна во петокот на полноќ и ќе трае до затворањето на гласачките места, денес во 19 часот.

Официјалната кампања за овие, осми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово, започна на трети февруари, а за следење на изборниот процес се акредитирани околу 20 илјади набљудувачи.

На годинешните општи избори учествуваат 28 политички субјекти и нема ниту еден независен кандидат. За 120 места во косовскиот парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.

Европската унија вчера порача дека ги следи мошне внимателно подготовките за вонредните парламентарни избори кои се одржуваат денес во Косово и очекува почитување на демократските стандарди и во текот на самиот процес на гласање, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во заедничката изјава на шефот на канцеларијата на ЕУ, Томаш Суниог и на шефовите на мисиите на земјите членки на Унијата во Косово, се нагласува „значењето на транспарентноста и веродостојноста” на изборниот процес.

Претставниците на ЕУ ги повикуваат косовките институции „да постапуваат согласно европските стандарди, без политички притисоци и со почитување на одлуките на Централната изборна комисија и на судовите”.

–Ние, дипломатите од Канцеларијата на ЕУ и претставништвата на земјите членки на ЕУ, заедно со другите меѓународни колеги, ќе го следиме одблизу изборниот процес и на денот на иборите со посета на гласачките места, се вели во соопштението, во кое се изразува поддршка на набљудувачите од граѓанските организации.

Официјален Брисел изрази уверување дека набргу по завршувањето на изборите ќе се формира новата влада и ќе биде избран новиот претседател на државата.

–Веруваме дека новиот претседател ќе биде бргу избран од новото Собрание и дека новата влада ќе биде изгласана навреме за да ги промовира реформите и натамошниот развој, да се нафати со борбата против корупцијата, да го зајакне владеењето на правото и да ја унапреди европската иднина на Косово, вклучително продолжувањето на дијалогот со посредство на ЕУ меѓу Белград и Приштина, се вели во заедничкто соопштение на претставниците на ЕУ.

Принтскрин Јутјуб

Ден пред изборите во Косово и Метохија, 26 авиони слетаа на аеродромот во Приштина, а на денот на гласањето се очекува да пристигнат уште 19 летови од гласачите од дијаспората.

Портпаролката на аеродромот во Приштина, Валентина Гара, истакна дека патниците најмногу пристигнале на Косово и Метохија поради вонредните парламентарни избори, пренесува Репортери.

„Денес имавме 26 лета за пристигнување, девет од Швајцарија, 12 од Германија, четири од Франција и еден од Турција. Вкупно 19 летови за пристигнување беа најавени за утре, шест од Швајцарија, пет од Германија, четири од Франција и по два од Австрија и „Турција“, рече Гара вчера.